Државните и национални интереси не смеат да бидат монета за поткусурување со која што Зоран Заев ќе си плати амнестија за криминалот. Државните и националните интереси не смеат да бидат ниту димна завеса со која што ќе се покрие масовниот грабеж кој во моментов го спроведува криминалниот картел. Не смее да се менува името и Уставот на државата само за да се украдат стотици милиони евра, како што гледаме деновиве дека се случува.

Ова се истакнува во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.

– Народот сфати дека виткањето кичма е утринска гимнастика на Заев за да биде подготвен за прифаќање на сите грчки црвени линии наведени во таканаречената Спогодба со Хеленската Република. Граѓаните ја сфатија играта и преземените обврски на Заев за обезличување на македонската посебност со губење на историјата и идентитетот, преку обезличување на секоја државна институција што се именува како македонска. СДСМ е во паника бидејќи го гледа моментот на семакедонското, вклучително и од нивното членство, одбивање да се согласат со планот на Заев и неговиот клан со кој македонската нација и држава се претвораат во „вештачка нација“. Тоа што Македонија ја влече во темното минато се криминалот и наместените милионски тендери на сметка на економското девастирање на државата и граѓаните, што е препознатлив стил при секое владеење на СДСМ. Кога станува збор за западните вредности, ЕУ не признава наместени тендери и делење на државни пари на фирми на владини претставници. НАТО не признава судство кое е во спрега со власта, ниту пак ќе толерира криминогени ликови фатени со „рацете во медот“. Доказ за тоа се добиените „датум за датум“ и условените препораки за интеграција, кои пристигнаа и покрај извршената капитулација на Заев, се вели во соопштението.

Најголемата опозициска партија натаму додава дека насилството кое се обидуваат да го спроведат Заев и неговата камарила не соодствествуваат со европските демократски процеси.

– ВМРО-ДПМНЕ како одговорна опозиција застана зад реформските процеси и како секогаш даде најголем продонес во процесите кон евроатланските интеграции. СДСМ го прекршија зборот, го истрошија времето на граѓаните и сега повторно се преговара за истите работи договорени во март годинава. За разлика од СДСМ и нивниот лидер, ВМРО-ДПМНЕ останува на зборот и на тоа што значи одбрана на највисоките национални и државни интереси. За ВМРО-ДПМНЕ изборот е ЕУ и НАТО, но и одбрана на националните и државни интереси. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе остане на страната на демократијата и ќе се бори да не биде изиграна вистинската волја на граѓаните со изигрување на гласачкиот процес или доведување на граѓаните во заблуда со двосмислени прашања. Затоа и ВМРО-ДПМНЕ бараше еднакви можности за фер и демократска атмосфера за следните парламентарни избори, се наведува во партиското соопштение.

Без сомнеж, се заклучува во соопштението, граѓаните веќе знаат што да изберат, а само така, во фер и демократска атмосфера и вистинско почитување на волјата на граѓаните, расипничката власт на СДСМ ќе замине, а Република Македонија ќе победи.

Со соопштение одговори и СДСМ, во кое наместо аргументи обвинува дека „Мицкоски е осамен во одбраната на криминалот, волјата на граѓаните е победничка, Македонија ќе продолжи напред“.
– Мицкоски е предавник на националните интереси, кој не знае што сака. Заради амнестија на криминалот, Мицкоски се обидува да ја турка Македонија во провалија, да ја турне во изолација и неизвесност. Таквата негова несериозност води кон тоа да останеме сами, изолирани од Балканот и Европа, а неговото бегство од одговорност води кон конфликт, поделби, криминали и неправди. Но, колку и да се трудат, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски нема да ја закочат македонската иднина. Македонија е далеку посилна од антидржавното однесување на Мицкоски и од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во соопштението на владејачкиот СДСМ.
Натаму се додава дека „Мицкоски е осамен, нема да дозволиме неговата изолираност, неговата потреба да го брани криминалот да ја втурне Македонија во нова изолација“.
– Македонците со своите сограѓани од сите етнички заедници кои живеат во Македонија одат напред, таму кајшто ни е местото, во Европа, во НАТО, рамо до рамо со големите сили. Како одговорна и државотворна партија, СДСМ заедно со сите политички субјекти кои се на страната на НАТО и ЕУ ќе овозможи волјата на граѓаните за членство во ЕУ и НАТО да биде целосно испочитувана и реализирана, се вели во соопштението од Центарот за комуникации на СДСМ.