Германската покраина Баварија од вечерва ја ограничува слободата на движење во следните две недели низ целата нејзина територија.

Премиерот на покраината Маркус Седер, денеска објави дека со мерката, која ќе стапи во сила на полноќ, се бара граѓаните да останат во своите домови.

Граѓаните ќе можат да заминат само на работа, да купуваат намирници, лекови, како и да посетаат лекар или да им пружат помош на други.

Покрај тоа, ќе биде дозволено и спортување и движење на отворено, но само индивидуално или со лица од исто домаќинство.

Угостителските објекти во следните две недели ќе можат да понудат само храна за носење.

– Не смееме да се колебаме понатаму. Направивме многу во последните денови, но за жал мора да се направи повеќе, рече Седер.

Бројот на заразени лица во Баварија драматично се зголеми на повеќе од 3.000, со што покраината стана трето жариште во Германија.