По медицинската помош од Кина и руската војска ќе испрати медицинска помош во Италија во борбата против коронавирусот, по наредбата на рускиот претседател Владимир Путин, соопшти руското Министерство за одбрана.

Министерството соопшти дека од денеска воените транспортни авиони ќе пристигнат во Италија со осум екипи воени лекари, специјални возила за дезинфекција и друга воена опрема.

Путин синоќа разговарал со италијанскиот премиер Џузепе Конте, соопшти Кремљ.

Рускиот претседател му понудил на италијанскиот премиер помош и поддршка во форма на мобилни возила за дезинфекција, како и експерти за помош на најтешко погодените региони.

Во Италија вчера починаа околу 800 луѓе, со што вкупниот број на смртни случаи достигна скоро 5.000.

Во Русија досега се пријавени 306 случаи на коронавирус, претежно во Москва, додека едно лице починало.

Како што е познато, Италија е една од главните членки на ЕУ и НАТО, но најголемата и најбрза помош пристигна од Кина, Куба и сега од Русија.