Холандскиот професор на Универзитетот во Амстердам и шеф на оделот за надворешна политика на највлијателниот центар за студии на европската политика во Брисел, Стивен Блокманс, во интервју за австриски „Ди Пресе“ тврди дека коронавирусот помогнал ЕУ да донесе одлука за преговори со Македонија и Албанија.
Според Блокманс, преговорите, ќе започнат оваа година.
Половина година подоцна, ЕУ се согласи да ги започне преговорите за пристапување со Албанија и Македонија. Пандемијата и стравот од геополитичко губење на моќта доведе до таа одлука, пишува највлијателниот весник во Австрија.
– Пандемичкото појавување на коронавирусот „Ковид-19“ во голема мера ја олесни одлуката на 27 земји-членки да преговараат со Албанија и Македонија за членство во Унијата. Во преостанатиот дел од оваа криза, вниманието на јавноста беше на друго место, вели Блокманс.
Оааа теза, како што пренесе порталот Фактор, особено се однесува на Франција.
– Нејзиниот претседател Емануел Макрон предизвика лошо расположение кон Франција на Западен Балкан со своето вето против започнувањето на овие преговори. Одбивањето на Макрон, исто така, предизвика негативен став во ЕУ. Дури и владите на Данска и Холандија, кои беа на иста линија како Париз за подобноста на Албанија, не можеа да го разберат ваквиот став кон Македонија. На крајот на краиштата, малата поранешна југословенска република дури усвои ново име со уставни измени со цел да се надмине повеќедеценискиот спор со Грција и нејзината блокада, додава Блокманс.
Но, вчера европските министри се согласија.
– Преговорите за пристап со двете земји се неопходни од три причини. Бидејќи во спротивно, Унијата прво ќе ја изгуби конкуренцијата со Кина, Русија и Турција заради политичка привлечност на Балканот и дополнително ќе го намали своето веќе ограничено геополитичко влијание. Оваа опасност беше илустрирана на минатонеделната прес-конференција на српскиот претседател Александар Вучиќ, кога рече дека европската солидарност е „бајка за сиромашните“ и дека Кина е единствената земја што сега може да и помогне на Србија, пишува австрискиот весник.