Партиите треба сами да кажат дали ќе го поддржат предлогот годинава да нема пари за политичките партии, изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање дали ќе ги повика ДУИ да го поддржат овој предлог на министерката за правда Рената Тренеска Дескоска.
-Ние можеме да кажеме за себе. Јас се согласувам дека солидарноста треба да ја имаме како никогаш порано. Кога е најтешко треба да бидеме солидарни и навистина парите не треба да доаѓаат во политичките партии, треба да одат кај граѓаните, да ја зголемиме приватната и јавната потрошувачка и драго ми е што СДСМ собра капацитетност да се откаже од тие пари. Ние го дадовме нашиот предлог. За ДУИ или за која било друга партија останува самите да кажат, рече Заев.
Изрази верување дека сите ќе бидат солидарни и одговорни и онака како што заслужуваат граѓаните. Предлогот беше парите да се пренаменат за справување со ширењето на коронавирусот.
Лидерот на СДСМ кажа дека вчерашната одлука на Советот на ЕУ за почеток на преговори со Северна Македонија е успех на нашиот народ, на многу генерации. За оваа работа, додаде Заев, прво работеа граѓаните, институциите, политичарите, од независноста до сега.
-Се сеќаваме сите, го гледавме на телевизија помладите прогласувањето на независноста кога беше испорачана европската визија и верувам дека денеска сме сите радосни за овој голем успех. Ред е да се заблагодарам на сите генерации, на сите парламентарни состави, на сите влади и на политичари, но еве ние имавме среќата да успееме, со храбри одлуки, Владата, Парламентот успеавме, рече Заев.
Според него, честитки за вчерашната одлука стасале од секаде од амабасадори, од многу лидери на ЕУ, од комесарот Хан, од членови на ЕК, од политичките партии од коалицијата, но честитка до него не стигнала од опозицијата.
-Но би било добро е да му честитаат на народот, да го охрабрат нашиот народ заради тоа што дефинитивно ова е заедничка радост на сите. Мегдани меѓу власт и опозиција ќе има многу. Да се бориме за економски мерки и идеи, како побрзо да го дигнеме економскиот стандард на нашиот народ, да имаме идеи да се бориме со корона вирусот и здравствениот аспект… Должни се да го поздрават и да му се израдуваат и навистина да го повикаат народот да се израдува, рече Заев.