Во вонредни услови заради Ковид-19 пандемијата, во Москва е одржан меѓународниот саем на пронајдоци Архимед (XXIII Moscow International Salon of Inventions and Innovation Technologies ARCHIMEDES), во периодот 24-27 март 2020 год.

Архимед е еден од најреномираните светски саеми за пронајдоци и иновативни технологии, а оваа година на саемот беа поднесени повеќе од 3000 пријави од целиот свет. По извршената селекција од страна на комисијата одобрено е учество на околу 600 високорангирани патентирани пронајдоци, меѓу нив и сите три поднесени од Националната Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонија (NAIM).

Поради пандемијата беше откажано учеството на повеќе држави, посебно од оние кои се сметаат за ризични, но сепак учествуваа 24 држави, како и 35 региони од Руската Федерација. Националната Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонија (NAIM) настапи со патентираните пронајдоци од тројца наши пронаоѓачи и тие беа наградени со повеќе вредни награди:

– Проф. Д-р Драги Рашковски за својот патентиран пронајдок „Систем и уреди за контрола на брзината на возилата во сообраќајот со определување на просечната брзина и изрекување на казни“ освои: Пехар и Златен медал од стручното жири; Златен медал – специјална награда од сојузот на пронаоѓачи на Севастопол и Специјална награда – Диплома од рускиот Volgatech University.

– Тони Велевски за својот патентиран пронајдок „Опрема за редење и нижење на листови од тутун“ освои: Златен медал од стручното жири; Златен медал – специјална награда од Сојузот на пронаоѓачи на Севастопол и Специјална награда – Диплома од рускиот Volgatech University.

– Саше Јандрески (ученик во II год. од гимназијата „Мирче Ацев“ во Прилеп) за својот патентиран пронајдок „Мултифункционален стерилен медицински шприц“освои: Златен медал од стручното жири; Златен медал – специјална награда од Сојузот на пронаоѓачи на Севастопол и Специјална награда – Диплома од рускиот Volgatech University.

Ова е трета година по ред со успешен настап на Националната Асоцијација на Пронаоѓачи на Македонија на овој светски саем на пронајдоци и иновативни техологии.

Мирко Узелац, претседател на NAIM