Во Куманово досега се регистирани 85 случаи на заболени лица од коронавирус. Само во текот на вчерашниот ден се забележани 23 нови случаи. Општина Куманово речиси две недели бара да се воведе карантин во градот, а Владата вчера одлучи од синоќа од 21:00 часот до понеделник до 5:00 часот да се воведе полициски час на територијата на Куманово.
Имено, единаесет медицински лица од кумановската болница се позитивни на коронавирусот. Министерот за здравство Венко Филипче наведе дека поради состојбата упатени се двајца доктори, еден од Скопје и еден од болницата во Штип, кои ќе ја организираат работата на ова исклучително важно одделение во Кумановската болница во овој момент.
Министерството за здравство, како што соопштија од владината прес-служба, ќе изработи план за непречена работа и на здравствените установи на подрачјето на Општина Куманово.
Владата ја прифати информацијата на Комисијата за заразни болести која препорача сите вработени во здравствениот систем кои се од Куманово, а работат во други градови во државата, да се стават на располагање на болницата во Куманово.
Ќе се определат инфектолози од другите градови во регионот, Крива Паланка и Кратово, кои ќе бидат повлечени за да работат во Центарот за јавно здравје во Куманово.
Здравствениот персонал што ќе биде ангажиран како дополнителен, ќе работи најмногу 14 дена, а потоа ќе биде заменет со нов тим според систем на ротација.
Покрај медицинските лица од Кумановската болница, како што изјави вчера министерот Венко Филипче, на Инфективната клиника има еден медицински техничар, што е позитивен на коронавирусот и има клиничка слика на воспаление на белите дробови.
– Направена е семејна и епидемиолошка анкета меѓу вработените и согласно тоа, ќе се постапи за да се организира делот на работата во одделението каде што работел, во рамки на Клиниката. Сега детално се разговара и со сопругата за да се анализираат и евентуални дополнителни приватни контакти, како и првични контакти од епидемиолошката анкета, рече Филипче.
На Клиниката се хоспитализирани 67 пациенти од кои 10 имаат тешка форма на манифестација на болеста, другите пациенти се со лесна, односно средна форма на клиничка слика.
Министерот за здравство на својот фејсбук профил им препорача на здравствените работници да се чуваат и грижат за себе во овој период на корона вирус.
– Колеги, здравствени работници – не заборавајте да се грижите за себе во овој период. Јадете доволно, одморајте колку можете и останете во контакт со вашите најблиски. Бидете внимателни, чувајте се, напиша Филипче.
Во однос на епидемиолошките анкети, Филипче рече дека технички може да се променат.
– Технички прашањата во епидемилошката анкета кои се однесуваат на тоа дали лицето било во странство или имало контакт со лице кое било во странство може да се променат од страна на матичните лекари кои се со искуство, вели Филипче.
Според министерот, е позитивно тоа што на пунктовите за тестирање од коронавирусот се забележани многу малку позитивни случаи.
– Многу е важно што увидовме дека многу малку на пунктовите се забележани позитивни случаи на Ковид-19. Од луѓето кои се јавуваат, кои аплицираат на анкетата, пред се позитивните случаи, се лица на кои им пристапуваат епидемиолозите, на пациенти кои веќе имаат сериозни симптоми, кои што укажуваат на запаление на белите дробови, кои што може да потекне од коронавирусот, рече Филипче.
Имено, досега во земјата се направени 4.506 тестирања на Ковид-19, а позитивни на вирусот се 430 лица.
Според местото на живеење, досега случаи на корона вирус се регистрирани во: Скопје – 208, Куманово -85, Дебар – 49, Штип-15, Прилеп – 22, Тетово – 15, Струга – 9, Велес – 8, Битола – 4, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 2, Гевглелија – 4, Струмица – 1, Крива Паланка- 2, Кочани – 1.
На вчерашната владина 34-та седница беше разгледана и усвоена Уредбата за интервентна набавка на респираторни машини за време на вонредна состојба, со која се уредуваат условите и постапката за интервентна набавка на 200 респираторни машини заради спроведување на мерките за справување со корона вирус за време на траење на вонредната состојба, согласно спецификација уредена со Уредбата со законска сила.
– За оваа набавка Министерството за здравство ќе објави јавен повик на својата веб страницата, кое ќе трае 72 часа од моментот на неговото објавување. Оценка на пристигнатите понуди ќе ја врши тричлена Комисија од редот на вработените административни службеници формирана од Министерството за здравство, соопштија од владината прес-служба.