Доколку работодавците не можат да ги задржат вработените поради последиците предизвикани од пандемијата со КОВИД-19, тогаш отпуштањето да биде како технолошки вишок, а не со спогодбени откази, за вработените да имаат право да се пријават во Агенцијата за да добијат надомест, апелираше денеска заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар во информативната видеосесија на Владата на тема од социјалната заштита.
-Доколку вработените бидат уценети од самите работодавачи, тогаш ги повикуваме да се обратат до Државниот инспекторат за труд, бидејќи ова е прекршување на правата утврдени со Законот за работни односи. Ова е важно да се нагласи за вработените никако да не потпишуваат спогодбен отказ од работа, бидејќи ќе останат без надоместоци. Најмногу апелираме до работодавците – во овие тешки моменти треба да бидеме сплотени, солидарни, затоа што со самата спогодба вработениот ќе го оставиме и без плата, и без надомест кој се дава од Агенцијата за вработување, рече Бајрактар.
Во вториот сет мерки на справување со економските последици од вирусот, потсети заменик-министерот, предвидена е директна помомш од 14.500 минимална плата за април и мај за вработените од фирмите погодени од кризата. Како алтернатива на оваа мерка, компаниите може да изберат да користат мерка за покривање 50 отсто од придонесите за плата за вработените.
Ги потсети фирмите дека Владата субвенционира придонеси за вработените од 6.000 денари, а донесе и младински додаток за млади луѓе што работат во производството.
-Затоа, во овие моменти треба сите да сме свесни и да имаме трпение. Ова ќе помине, нема да трае вечно. Во нормални услови работодавците имаа проблеми, не можеа да најдат работна сила. Затоа да ја искористиме работната сила и ова субвенционирање од Владата, нагласи Бајрактар.
Во сесијата за одговори тој рече дека лицата што останале без работа и немаат здравствено осигурување треба да се јават во Агенцијата за вработување, во центрите каде што живеат, и по автоматизам согласно со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, ќе добијат и паричен надмомест и воедно ќе остварат право на здравствена заштита.