Докторката Жанг Џијан, која работи на одделението за респираторна и интензивна нега во болница во Вухан, се води како првиот доктор кој го открил новиот коронавирус.
Таа за новинската агенција Синхуа опиша како изгледале првите денови од епидемијата која се прошири токму од тој кинески град. Говорејќи низ сината маска, таа ги откри деталите од првата средба со смртоносната болест, која досега однесе преку 154 илјади животи во светот.
Како што вели, првите два случаи на коронавирус биле постар маж и неговата сопруга.
– Првиот случај кој го примивме беше постара жена која имаше треска, кашлица и проблеми со дишењето. Нејзиниот сопруг и син дојдоа со нејзе, но мажот дојде на доктор поради тоа што се чувствувал омалаксано. Немаше треска… Помисливме дали можеби и синот е исто така болен. Кога направивме тест, бевме сигурни дека и синот имал проблеми со белите дробови, раскажува докторката Жанг.
Таа рече дека симптомите кои ги имало семејството личеле на „грип или воспалување на белите дробови“, но нивните СТ снимки откриле дека белите дробови им биле прилично оштетени.
– Снимките покажуваа дека вирусната инфекција предизвикала оштетувања на нивните бели дробови. Меѓутоа кај синот биле многу пооштетени отколку што сме виделе било кога, кажа Жанг, која во 2003-тата година била ангажирана во борбата против САРС.
Кога на 27. декември дошол уште еден пациент со истите симптоми, таа поднела извештај до болницата и предупредила дека веројатно е „откриена вирална болест која е најверојатно заразна“, со огле дека претходно имала искуство со ширењето на САРС.
Пациентите почнале да пристигнуваат
Таа тврди дека започнале да пристигнуваат и други пациенти со слични симптоми, после што се консултирала со 10 експерти и го пријавила целиот случај.
– Посомневавме дека нешто не е во ред, но не знаевме што точно беше тоа, рече таа за агенцијата Синхуа.
Следниот ден е започната истрага, а на 30-ти декември сите здравствени установи во Вухан се предупредени дека почнала „епидемија на воспалување на белите дробови од непознат причинител во градот“.
Тим од експерти од Националната здравствена комисија на Кина е испратен во Вухан, а на сите жители им е кажано да носат маски и да ги избегнуваат местата каде што има поголема гужва. До тој момент, 27 случаи на коронавирус се потврдени во Вухан.
Блокадата на градот трае скоро два месеци
Цел град од 11 милиони жители е ставен во карантин. Се застана, а градот изгледал како еден огромен каранти со многу голем број на луѓе. И така 76 дена.
Вухан е отворен пред извесно време бидејќи не се забележани нови случаи на коронавирус. Жанг е наградена за нејзината работа и придонесот во борбата против оваа болест.
– Работев како што секој доктор би требало да работи, се водев од професионализмот, рече Жанг.
Корекција на бројот на мртви
Кинеските власти се најдоа на удар поради наводното „фингирање“ на бројот на жртвите од коронавирусот. Имено официјалните лица од Вухан, градот каде изби пандемијата, го коригирале бројот на оние кои починале од вирусот и додале уште 1290 жртви. Вкупниот број на починати е 3869, соопштија градските власти, пренесе CNN.
Вухан исто така го ревидираше и бројот на заболени, па со додадените 325 случаи, во градот вкупно биле заразени 50.333 луѓе. Официјалните лица нагласиле дека овие измени се внесени за да покажат „одговорност кон историјата, луѓето и жртвите“, како и за да обезбедат „отвореност, транспарентност и точност на податоците“.
Кинескиот министер за надворешни работи рече дека Кина никогаш не ги прикривала размерите од епидемијата на коронавирусот и дека Владата не би го допуштила тоа. Според последните податоци, во Кина се забележани со 82,719 случаи на коронавирус, од кои 4,632 починале.
Американските известувачи тврдат: Кина лаже, намерно го намали бројот на жртвите од коронавирусот
Американските тајни служби претходно ја известија јавноста дека сметаат дека Кина драстично го смалила бројот на заразени од коронавирусот, како и вистинската бројка на смртни случаи. Како што наведуваат светските медиуми, станув збор за тајни документи кои стигнале во Белата куќа, а три анонимни извори тврдат дека Кина намерно ги лажирала извештаите за жртвите на коронавирусот.