Додека Скопје, Куманово, Прилеп, додека Република Македонија се бори со корона пандемијата додека луѓе умираат желбата на власта за криминал е највисоко ниво – се „тера“ тендер во Дрисла од 200 илјади евра кој ѝ се додели на струмичка фирма блиска до луѓето на Заев, објави денеска генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.
-Додека граѓаните се принудени да седат дома заради кризата со корона, додека расте бројот на заразени, додека докторите и медицинскиот персонал се без заштитна опрема, блиските луѓе на Зоран Заев најдоа погоден момент да земаат огромни тендери од Град Скопје и Шилегов и тоа ни помалку ни повеќе, по пат на преговарање во 4 очи.
Додека граѓаните и стопанството се борат со здравствената и економска криза предизвикана од корона вирусот, само бизнис партнерите на Зоран Заев и блиските до СДСМ користат прилика да го осиромашат буџетот. Очигледно Владата на Зоран Заев за некои компании е мајка, а за некои маќеа, вели Јанушев.
Тој објави дека се работи за тендер доделен во 4 очи од Град Скопје, односно од ЈП Дрисла на фирмата „Алпима Градба ТИМ“ ДООЕЛ Струмица, на 18 март оваа година, во вредност од 12.390.000 денари или 200 илјади евра. Тендерот е за наредните 3 месеци и е за изнајмување градежни машини на ЈП Дрисла.
-Сопственик на оваа фирма која е и единствен понудувач по пат на преговарање во 4 очи и која го доби тендерот од над 12 милиони денари во вонредна состојба е веќе познатиот на јавноста Александар Пиперевалиев, а фирмата е регистрирана во Струмица.
Она што е интересно за оваа фирма е дека ова е прв и единствен тендер добиен во изминативе неколку години, фирмата воопшто нема искуство со работење тендери и уште поинтересно е дека својот подем оваа фирма го доживува од 2017 година па навака, откако СДСМ доаѓа на власт. Од 2017 до 2018 профитот кај оваа фирма нараснал за над 3000%. Целиот обрт во 2018 година на фирмата е 12 милиони денари, а сега одеднаш во еден тендер се добива сума од истата висина.
Имено, Пиперевалиев е тесно поврзан со фамилијата Заеви, каде што е близок бизнис ортак со Горан Крстев во фирмата за канабис „Бул билдинг“ Струмица, кој е пак доскорашен бизнис ортак со семејството Заеви преку фирмите „Сара Јавор“ и „Сара Инжинеринг“, вели Јанушев.
Пиперевалиев дополнително на јавноста и е познат по апсењето на неговиот бизнис партнер во Србија, Предраг Куловија, а според медиумите се водеше истрага за него и бизнис партнерот на Заеви, Горан Крстев.
-Еве зошто Петре Шилегов толку грчевито се бореше да ја земе ЈП Дрисла во свои раце. За да може да склучува тендери во 4 очи на блиски луѓе до Заев и СДСМ. Останатото треба само да го претпоставите каде завршуваат овие 12 милиони денари.
На Заев и Шилегов воопшто не им е важно за здравјето на граѓаните. Ним единствено им е важно да го доиспразнат и онака празниот буџет и да го поделат на нивните блиски фирми.
За ова – еден ден ќе се водат постапки и сите инволвирани ќе одговараат, порача Јанушев.