Стефан АНДОНОВСКИ

Зошто Димитров го криеше документот со кој од нас се бара откажување од македонскиот јазик, историја и малцинство како услов за продолжување на европските интеграции? Како ќе го прескокне евентуалното вето кога Бугарите си го имаат Договорот (капитулацијата) в џеб? Се лаже себе или купува мир пред кампањата за избори?

Владината дипломатија е дипломатија која ги користи зборовите „љубов“, „пријателство“ и „мостови“, а работи со зборовите лаги, неуспех, апатија, мизерија. Тој невкусен егзибиционизам е резултат на дволичноста и фрустрацијата на главните ликови.
Од евтината драмолетка на Димитров, излегува дека само Македонецот нема право на идентитет. Едноставно, креативноста на Димитров со која толку се гордее, растура сè што повеќе од 150 години се градело од генерации на просветители, револуционери, политичари, војводи, граѓани, селани…

Македонците идентитетот си го створиле преку литературата, јазикот, историјата, творбите, хероите, архитектите, уметниците – не преку комисии – и затоа, не ме интересира мислењето на некакви си „експерти“, не сакам мојот идентитет да зависи од безидентитетски лешинари.
Смачено ми е Македонија да ги храни кариерите на домашни и светски „квази политичари“ – недоветни, неспособни, безрбетни амеби на кои државата не им е ни последна на приоритетна листа. За кожените фотелји плаќа цел еден народ! И нека ѝ е на помош на онаа држава на која лидерите ѝ се потпросечни и фрустрирани политиканти.

Антон Попов во 1938 запишал: „Беснееја на македонската земја разни господари. Срби, Турци, Грци, Бугари… Тогаш, од македонската нива сите тие береа. До денеска само на еден правото не го признаа. Правото на Македонецот да ја ора својата земја и единствено тој да го бере плодот од својата нива. Стариот господар на таа земја, правото на големиот македонски дух – не беше признат. Историјата на човештвото е полна со неправди…”

Уште ли ќе лажете дека македонската нација е измислена од Тито?