Бројот на Албанци во затворите во Велика Британија зголемен е за четирипати во споредба со 2013 година и тие ја сочинуваат етничката заедница која е најбројна во британските затвори, објавуваат албанските медиуми повикувајќи се на „Тајмс“.

– Албанците сочинуваат една десетина од затворениците со странско државјанство во Англија и Велс и покрај преземените мерки. Нивниот број првпат достигнал 999, а потоа следуваат Полјаците 835, Романците 806, Ирците 721 и 440 државјани на Јамајка, наведуваат медиумите.

Повеќето Албанци во британските затвори издржуваат казни за трговија со дрога, главно кокаин.

– Во последните години, се зголемува бројот на лица осудени за трговија со канабис кој го одгледуваат во фарми, појава која драстично се зголемила. Тие се правдаат дека се принудени да го прават тоа за да ги исплатат своите долгови кон луѓето кои илегално ги пренеле во Велика Британија, пишува во написот.

Се додава дека во 2017 година Албанците веќе сочинувале заедница со „висок криминален профил“ во Велика Британија и оти „главниот центар на дистрибуција на дрога од нивна страна е Лондон“.

Она што го истакнува „Тајмс“ е фактот дека албанскиот криминал во Обединетото кралство е голем, иако Албанија има население помалку од три милиони.

– Околу прашањето за албанскиот криминал и трговијата со луѓе во Велика Британија расправаа и пратениците во британскиот Парламент. Конзервативниот пратеник Филип Холобон, цитиран од „Тајмс“, вели дека увозот на албански имигранти во Велика Британија е „уште еден скандал на британската држава“, наведува албанската агенција Балканвеб.