Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), Независното здружение на новинари на Војводина (НДНВ) и Синдикатот за култура, уметност и медиуми „Независност“ денеска ги повикаа сите новинари и медиуми на Светскиот ден на слободата на медиуми во 11:55 часот да го исклучат тонот, да ги затемнат екраните и да се приклучат на акцијата “ Пет минути грмогласна тишина “, јави дописникот на МИА од Белград.
-Основата на професионалното новинарство е слободното и објективно информирање на граѓаните и придонес кон јавниот критички дијалог во општеството, а одговорните новинари и медиуми не смеат да се согласат јавниот интерес да го потчинат на пропагандата и апологетот на власта и да постапуваат по диктатите и на сметка на политичките и економските моќници, порачаа од новинарските здруженија.
Во прогласот на Здружението на новинари на Србија (УНС) се наведува дека годината помеѓу двата Светски денови на слободата на медиумите ќе биде запаметена повторно по апсења: новинарката на Нова Ана Лалиќ, уредникот на Коссев, Тања Лазаревиќ, екипата на КТВ Даниела Радиќ и Роберт Бајтаи, како и на свиркачот на Крушик, Александар Обрадовиќ.
-Новинарите ќе ја паметат годинта и по прес-конференциите во време на пандемијата, без присуство на новинари, со објаснување дека тоа е последица на загриженост за нивното здравје, укажаа од УНС.
Граѓанските иницијативи денеска објавија дека регистрирале 42 случаи на нарушувања на слободата на изразување и информации од почетокот на вонредната состојба во Србија.
-Во областа на слободата на говор и изразување, Србија нема остварено никаков напредок, туку напротив, бевме сведоци на бројни нарушувања на правата и кршење на слободата на медиумите, изјави Заштитникот на граѓаните Зоран Пашалиќ.
Во прогласот на Синдикатот на новинарите на Србија се наведува дека „професионалното и истражувачкото новинарство е заменето со лажни вести, а наместо информирање во согласност со Уставот и законите, имаме пропаганда со заканувачки и навредливи извештаи и пораки, како и ријалити програми кои се срам на српското новинарство.“
Министерството за култура и информирање им го честита на сите новинари и медиумски работници Светскиот ден на слободата на медиумите, кој се слави на 3 мај, и ги повикува да посветат поголемо внимание на веродостојноста на информациите, да се однесуваат одговорно и професионално.
Србија е падната за три места на ранг листат на „Репортери без граници“ за слобода на медиумите во 2020 година и сега е на 93-та позиција. Во регионот зад неа се само Црна Гора (105) и Бугарија (111).