АД „Пошта на Македонија“ – Скопје се извинува за, како што наведува, ненамерната грешка и техничките пропусти при објавување на пригодната поштенската марка од серијата „Македонија во ЕУ“ чија цел е одбележување на претседавањето на Република Хрватска со ЕУ.
На поштенската марка претставена е погрешна карта на Република Хрватска и другите земји од регионот и поради тоа марката веднаш е повлечена од употреба што подразбира поништување на целокупно издадениот тираж од 6000 (шест илјади) примероци.
– Изразуваме жалење за ненамерната грешка, особено што, издавањето на серијата поштенски марки „Северна Македонија во ЕУ“ се поклопува со 9 Мај, Денот на Европа. Наша цел беше со оваа поштенска марка да изразиме благодарност до Хрватското претседателсво со ЕУ за помошта и поддршката која Република Хрватска и ја дава на нашата држава, се вели во соопштението од АД „Пошта на Македонија“.
Посочуваат дека издавањето на поштенските марки е регулирано со Законот за поштенските услуги и Правилникот за издавање и продажба на поштенски марки и вредносници, а во согласност со Годишната програма за издавање на поштенски марки, одобрена од страна на Министерството за транспорт и врски.
– Согласно одобрените теми, мотиви, тиражи и останати обележја на поштенските марки, во процесот на издавање на истите се вклучени: Биро за филателија на друштвото и Совет за издавање на поштенски марки Бирото за филателија има надлежност да собира и стручно обработува податоци; предлага мотиви и подготвува графички и ликовни решенија на поштенските марки, ги подготвува за печатење во согласност со насоките добиени од Советот и др… Советот за поштенски марки именуван од Управниот одбор на Друштвото е составен од 7 членови, четворица претставници од редот на вработените во Друштвото и три надворешни членови. Надворешните членови се од редот на лица ангажирани во културни, јавни и научни области (историчари од национални институти (2) и еден е уметник од ФЛУ. Конечна одлука за изборот на мотивите како и графичките и ликовни решенија на поштенските марки ја носи Советот за поштенски марки, објаснуваат од АД „Пошта на Македонија“.
Поради направената грешка, Управниот одбор на Друштвото донел одлука за повлекување од употреба и уништивање на поштенската марка „Северна Македонија во ЕУ“, мотив „ Хрватска (Загреб)“ со тираж од 6000 примероци и номинална вредност од 72,00 денари. ДоНесени се и одлуки за разрешување на раководителот на Бирото за филателија и за разрешување на Советот за поштенски марки.