Правната заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата е клучна во секое демократско општество, наведува во пораката евроамбасадорот Самуел Жбогар по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата.
– Во Европската Унија сите треба да се чувствуваат безбедно и да ја имаат слободата да бидат она што се. Потребна ни е еднаквост за сите и еднаквост во секоја смисла на зборот. ЕУ, како глобална сила за промени кон подобро во која почитувањето на човековите права и достоинство е темелна вредност, а „Обединети во различноста“ нејзин најпрепознатлив слоган, мора да биде пример за тоа што значи еднаквост во секојдневниот живот. Ова се очекува од сите земји-членки – сегашни и идни, наведува Жбогар.
Натаму тој наведува дека борбата за правата на ЛГТБИ лицата произлезе од повеќевековната историја на општествен притисок и индивидуално страдање и оти ЕУ постигна многу во институционализацијата на таа борба. Сепак, како што наведува Жбогар претстои уште работа и оти очекува идните членки да го следат нивниот пример.
– Пред неполна година, Македонија успешно ја организираше првата Парада на гордоста. Се подготвува регулирање на процедурите за признавање на родот. Граѓанското општество и полицијата почнаа соработка во однос на процедурите во врска со ЛГБТИ лицата, наведува Жбогар во пораката.
Сепак, како што посочува, говорот на омраза и предрасудите во општеството кон ЛГБТИ лицата се присутни, особено на социјалните мрежи.
– Сторителите на нападите врз ЛГБТИ-центарот во Скопје од пред неколку години се’ уште не се идентификувани и изведени пред лицето на правдата. Постојат извештаи дека трансродови лица биле предмет на негативен однос од страна на медицински лица и дека немаат целосен пристап до здравствени услуги. Тоа не смее да се случува, вели Жбогар.
Евроамбасадорот истакнува дека правната заштита од дискриминација на ЛГБТИ лицата е клучна во секое демократско општество. Оттука и потребата од ефективно антидискриминациско законодавство, во кое сексуалната ориентација и родовиот идентитет, меѓу останатото, претставуваат правна основа за заштита.
– Во сегашните Ковид-19-околности кои ја ставаат солидарноста во прв план, да направиме се’ за да се осигураме дека сите луѓе имаат не само еднаков пристап до здравството. Туку и дека сите луѓе може да бидат она што се. И да се чувствуваат прифатено поради тоа, посочува евроамбасадорот во пораката по повод Меѓународниот ден против хомофобијата, трансфобијата и бифобијата