Бројот на корисници на воена пензија, односно на ветерани од војната во 1998-99 во Косово, во првото тромесечие на 2020 година забележа пораст и моментално изнесува 38.205 лица, објави денеска Агенцијата за статистика на Косово.
Според податоците објавени во извештајот „Статистики за социјалната состојба во Косово“ за првиот квартал од оваа година, од 38.232 ветерани колку што имало во јануари 2019 година, минатиот декември бројката на корисници на воената пензија спадна на 38.101. Меѓутоа, во наредните три месеци, односно до март годинава таа бројка се зголеми за 104 лица.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, според резултатите објавени во најновата публикација, социјална помош во Косово користат 24.198 семејства со вкупно 98.070 членови, додека корисници на материјална помош за семејства со деца со ограничени способности се 2.358 семејства.