Република Македонија е меѓу 29-те држави од Европа и светот, за кои од 15 јуни ќе биде дозволено патување во Грција, според листата од Министерството за туризам на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што е веќе познато, за влез во Грција нема да биде потребен тест, туку ќе се прават анализи по случаен избор.
Од министерството за туризам на Грција соопштуваат дека конкретната листа била направена откако бил проучен епидемиолошкиот профил на земјите од каде потекнуваат туристите, биле земени предвид вчерашните соопштенија од Европската агенција за безбедност во воздухопловството (ЕАСА), како и соодветната препорака од Комисијата за заразни болести од грчкото Министерство за здравство.
На листата од Министерството за туризам на Грција се следните земји: Албанија, Австралија, Австрија, Македонија, Бугарија, Германија, Данска, Швајцарија, Естонија, Јапонија, Израел, Кина, Хрватска, Кипар, Латвија, Либан, Литванија, Малта, Црна Гора, Нов Зеланд, Норвешка, Јужна Кореа, Унгарија, Романија, Србија, Словачка, Словенија, Чешка и Финска.
За земјите кои што не се вклучени во листата, остануваат во сила актуелните правила, додека пак пред втората фаза на отворањето на грчкиот туризам на 1 јули, ќе биде објавена нова листа.
Од Министерството за туризам на Грција, соопштуваат дека „во секој случај, епидемиолошкото следење и оценувањето ќе бидат континуирани“.