Во рамки на скринингот, во приватен дом за стари лица, што има објекти во Ченто и Кадино, во едниот се позитивни две штитенички, а во другиот тројца вработени. Изанализирани се сите контакти и дадени се решенија за изолација, истакна на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој во врска со активностите на терен на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и на епидемиолозите кои детално ги образложи претходно директорката на ДСЗИ, Иринка Сотирова Бухова, рече дека во Штип се затворени шесте конфекции, дадени се 55 решенија за самоизолација, а во текот на следните денови ќе се тестираат вкупно околу 600 вработени.

– Досега се направени 100 тестирања. Еден дел од вработените се наоѓаат на своите работни места, меѓутоа тоа е со цел да се направат тестирања, значи да се земат брисевите и материјалите. Во Тетово се издадени осум решенија за позитивно дијагностицирани пациенти, 54 за нивни контакти. Имаме и информации за еден нов кластер, еден позитивен со решение за самоизолација и се прават анкети на 40 вработени. Тоа е во еден правен субјект во Тетово. До вчера таму се направени вкупно 70 тестирања, а планирани се 150, од тоа што го најавив на вчерашната прес – конференција, потенцира Филипче.

Во однос на активностите на други места, посочи дека од вчера има 12 позитивни регистрирани од кумановскиот Центар за јавно здравје, од кои 11 се од Липково. Во Липково, рече, интензивно денеска работи екипата на Центарот за јавно здравје во Куманово помогната од епидемиолозите од Кратово и Крива Паланка и интензивна работа во Скопје во Чаир и во Студеничани.

-Огромен број контакти од вкупно дијагностицираните се во рамки на десет семејства, и тука се прават интервјуа, се ставаат луѓе во изолација, и се тестира согласно ризикот кој епидемиолозите го проценуваат од анкетите, додаде Филипче.