Европската унија ќе објави серија мерки за борба против сексуалната злоупотреба на деца по наглото зголемување на побарувачката за нелегална содржина со малолетни лица на интернет за време на карантинските мерки воведени поради новиот коронавирус. Тоа го нагласи еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон.
Јохансон за германски „Велт“ изјави дека сака поефикасна борна против педофилијата, вклучително и преку поблиска соработка со компании на интернет.
„Од почетокот на пандемијата Ковид-19, побарувачката за содржина за сексуална злоупотреба на деца се зголеми за 30 проценти во некои земји-членки“, рече таа.
Новиот план, за кој Јохансон рече дека ќе биде откриен наскоро, предвидува формирање нов центар на ЕУ за да им помогне на земјите „да истражат, превенција и борба против сексуалната злоупотреба на децата“ и да ја олеснат размената на информации.
„Ни требаат стратегии за превенција“, но тоа не е доволно, затоа што мора „да ги спроведуваме нашите закони кога тие се прекршени и да покажеме дека преовладуваат нашите вредности, како на интернет, така и во реалниот живот“, додаде таа.
Експертите во неколку наврати алармираа за ранливите деца кои живееле заклучени дома заради карантински мерки и станале жртви на сексуални напаѓачи без да можат да побараат помош однадвор. Покрај тоа, за време на карантинот, милиони деца поминаа повеќе време на интернет, што го зголеми ризикот да бидат цел на педофили.