Полскиот претседател Анджеј Дуда денеска ја опиша „идеологијата на ЛГБТ заедницата“ како „необолшевизам“ за време на предизборен митинг за изборите кои се закажани на 28 јуни, на кои тој ќе се бори за втор мандат.
Кандидатот на владејачката партија Право и правда се осврна на темата која ќе му донесе поддршка од моќната Католичка црква и традиционалните делови на полското општество.
– Во текот на целата комунистичка епоха на децата им се наметнувала комунистичка идеологија. Тоа беше болшевизам. Денес се обидуваат да им наметнат нова идеологија, еден вид необолшевизам. Се обидуваат да не принудат да веруваме дека станува збор за луѓе, а не за идеологија, истакна Дуда на митингот во Бржег.
Дуда во средата потпиша „Повелба за семејство“, давајќи му поддршка на традиционалното полско семејство, но и „штитејќи ги децата од ЛГБТ идеологијата“. Целта е да се спречи нејзино промовирање „во јавните институции“.
Прашањето за ЛГБТ заедницата беше жешка тема и во текот на кампањата за парламентарните избори минатиот октомври, во контекст на хомофобија во католичка Полска.
Голем број територијални единици во Полска, повеќето под власт на партијата Право и правда, веќе усвоија резолуции со кои се прогласија за „слободни зони од ЛГБТ идеологијата“.