Во Скопје поголемиот број заразени со коронавирус се постоечки кластери каде што се шири заразата меѓу членовите од семејството, но факт е дека има и некои нови кластери. Затоа ни се зголемуваат и бројките овие денови, изјави вечерва директорот на Институтот за јавно здравје Арбен Зибери.во гостувањето на Топ тема на Телма телевизија.
– Во последните десет дена односно две недели ние секој ден имаме повеќе од 100 новодијагностицирани. Зголемен е обемот на работа доста, засега немаме проблеми со епидемиолошките анкети. Денес во Комисијата за заразни болести беше договорено освен сегашните биолози да ни се приклучат и доктори од трудова медицина и епидемиолози од Воената болница, рече Зибери.
Повтори дека денеска од 193 заразени, 140 се од Скопје и оти досега тоа е најголемата бројка што ја регистрирале. – Новозаразените доаѓаат отприлика од истите општини каде што се регистрираат поголем број на случаи, како што се Чаир, Аеродром, Гази Баба, Центар и Бутел. Во овие општини ги имаме најголемиот број на новозаболени и активните случаи, вели Зибери.
Посочува дека екипите на ИЗЈ се секој ден на терен, епидемиолозите прават анкети и ги контактираат сите луѓе без разлика дали се асимптоматични и имаат здравствени проблеми.
– Сега за сега не е разговарано дека треба да се бара помош од надвор. Досега и до овие моменти ние потполно ја имаме под контрола ситуацијата и нашите болници се подготвени и нормално се диксутираат и некои други варијанти за проширување на капацитетите како што беше денеска ставена и мобилната болница и приватните болници, истакна Зибери.