Јавните средни училишта во кои се пријавени поголем број ученици со ист број поени од предвидениот во Конкурсот за запишување ученици во средно образование за учебната 2020/2021, ќе организираат квалификациско тестирање на 22 јуни со почеток во 10 часот.
– Учениците кои се пријавиле за гимназиско образование (за сите подрачја) ќе бидат тестирани по наставниот предмет математика и по македонски, албански, турски, односно српски јазик, зависно од тоа на кој јазик ја следеле наставата во основното образование, соопшти Министерството за образование и наука.
За учениците кои се пријавиле за здравствена струка (за сите образовни профили), пак, ќе се организира проверка на знаењето по наставните предмети биологија и хемија, исто така на јазикот на кој ја следеле наставата во основното училиште.
– Конечните ранг-листи со резултатите ќе се објават на 22 јуни 2020 година, соопшти МОН.