Поради обилните врнежи од дожд во Србија, неколку реки се излија, во осум општини прогласена е вонредна состојба, меѓу кои и во Љубовија, каде реката урна три моста, поплавени се 700 домаќинства, а сообраќајот на неколку регионални патишта е стопиран.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, специјалистичките тимови за спасување од Белград, Нови Сад, Шабац, Ваљeво, Сремска Митровица и Чачак, заедно со жандармеријата, денес и во понеделник евакуираа 71 лице на територијата на општините Крупањ, Љубовија, Косјериќ и Лучани.
Поради зголемувањето на нивото на водата и поплавите, во Западна Србија во сила е вонредна состојба во Осечина, Крупањ, Лозница, Љубовија, Мали Зворник, Ариље, Косјериќ и Лучани.
Раководителот на Дирекцијата за противпожарни единици и за спасување и цивилна заштита, Горан Николиќ, за РТС изјави дека најкритична состојба засега е во Љубовија и Гуча, бидејќи во раните утрински часови имало силен дожд.
Поради обилните врнежи од дожд, 80 домаќинства во Гуча са поплавени, а луѓето се евакуирани од нивните домови.
Реката Скрапеж во центарот на Косјериќ поплави 40 куќи, три станбени згради и градинка.
На подрачјето на Лучани прогласена е вонредна состојба , каде досега се поплавени над 100 станбени и стопански објекти, а евакуирани се 40 лица.
Во Ивањица е урнат мост, а во Брусник, на патот од Ивањица до Ариље, затната е браната, а урнат е магистралниот пат, кој рано утрово беше затворен.
Според надлежните, денес се очекува да се искачи нивото на водата на реката Ибар, поради што од утрово е прогласена вонредна одбрана од поплави на подрачјето на таа река, од Нови Пазар до Краљево.
Од „Србијаводе“ соопштија дека во Лозница вчера за само три часа паднале 50 литри дожд, а во последните две недели 150 литри, што е огромна количина на врнежи кои речните корита во тој дел на земјава не можеле да ги прифатат, поради што е дојдено до излевање и поплавување.