Еколошки инцидент се случил денеска во кој е загадена реката Брегалница. Од видеото што е објавено од спортските риболовци на ЗСР Брегалница 2011 може да се види како голема количина отпадни води влегуваат во реката и ја побелуваат.
– Еве го каналот од каде што влегува белата течност во реката Брегалница. Известени се надлежните инспектори, случајот е пријавен во полиција, земени се мостри од водата кои ќе бидат испратени на испитување за да се утврди од каде е испуштена оваа течност, објавија на Фејсбук страницата ЗСР Брегалница 2011.
Може да се види дека од вливот на каналот во реката водата на Брегалница е целосно побелена.
Градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски објави на социјалните мрежи дека е откриен сторителот на еколошкиот инцидент во реката Брегалница, што се случи попладнево.
Тој вели дека заедно со претставници на риболовното друштво „Брегалница“ и загрижени граѓани бил на терен и го пронашле изворот на загадувањето во реката Брегалница, како што вели во еден од превозниците во ТИРЗ зоната.
-Повикав надлежен инспектор и крим полиција кои се на лице место. Калкулации не смее да има. Секој мора да ја сноси одговорноста на своите постапки, вели Бочварски.
Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули вели дека е известен за еколошкиот инцидент кој попладнево се случи во реката Брегалница, откако од каналот за отпадни води на поранешниот текстилен комбинат Македонка, па се по течинието на Брегалница низ градот Штип е со обоена густа бела боја, а има и тежок мирис на лак.
Макрадули вели дека разговарал го градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски веднаш по инцидентот и го известил и Државниот инспекторат за животна средина. Дециден е дека инспекторите мора да постапуваат.
Во исто време ќе се проверуваат и еколошките дозволи на фирмите во кругот на Македонка, од каде денеска истекуваше белата густа течност со тежок мирис на лак.
Брегалница првпат не ја менува бојата. Пред две години водата се обои во црна, сина и црвена боја. Инспекторите тогаш не открија виновници, утврдија дека се работи за затнување на каналите за отпадна вода, но беа откриени пропусти кај неколку компании што се занимаваат со боење ткаенини, а се лоцирани во кругот на поранешниот текстилен комбинат Македонка