Куманово секогаш било предводик на нови победи, така било низ историјата и во изборните пресврти и така ќе биде и на овие избори. Нека ни е со среќа на сите новиот чекор кон уште една, заедничка победа, порача носителот на листата на коалицијата на СДСМ во Втората изборна единица Оливер Спасовски од својот град, на почетокот на изборната кампања, објави сајтот Куманово њуз.
„За да продолжи грижата што ја покажавме за сите, брзиот раст на платите преку брз рестарт и трансформација на македонската економија, за да продолжат вложувањата во јавното здравство и справувањето со предизвиците што ги носи коронавирусот, вложувањата во чиста животна средина, за да се прочисти правосудството од корумпираните судии и обвинители откако ги поставивме основите за правна држава, за да ги осигураме и европските интеграции – по НАТО членството, потребно е да продолжиме по патот што заедно го избравме. Одлуката да продолжиме по правиот пат значи докажано – сигурност за граѓаните и државата и не за Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, кои докажано – се опасност за државата и граѓаните“, – изјави Спасовски.
Како што додаде, за да продолжат по правиот пат значи никогаш повеќе режим: кражба на народните пари за да се полнат џебови на поединци, поделби на народот, мрачни времиња во коишто се гази врз достоиството на луѓето, значи никогаш повеќе меѓународна изолација, значи не за опасното рушење на здравствениот систем повеќе од една деценија.
„Ние го подготвивме здравствениот систем да се справи со предизвиците од коронавирусот, во услови на светска здравствено-економска криза ги спасивме граѓаните и државата од најцрните сценарија, се погриживме да се сочува секое можно работно место, секој можен бизнис, никој да не остане без егзистенција и како во времето кога решававме стратешки прашања и успеавме да ја покренеме економијата, продолжуваме со решенија и иницијативи, – дададе Спасовски.
Тој апелираше до сите учесници во изборниот процес да водат безбедна кампања од здравствен аспект, и фер и демократска изборна кампања.