На овие избори е важно да си го вратиме Собранието, да ја вратиме политичката влада, а за жал ВМРО – ДПМНЕ не може да се врати се додека е водено од вакви луѓе коишто немаат став, не се воопшто одговорни и ништо не промениле за последните три години. Се е исто, кога ќе дојдат некои нови луѓе, реформирани, со проевропска ориентација, со граѓански ориентации, тогаш може да очекуваат да победат на тие избори, порача лидерот на СДСМ, Зоран Заев од вчерашната граѓанска трибина што се одржа во Струмица.
Додаде дека досега носеле многу важни одлуки, а сега до изборите и на 15 јули граѓаните треба да донесат одлуки.
-Како ќе одлучат граѓаните во тој правец ќе ни се движи државата. По сите можни анкети сме фаворити и очекувам победа за да нема уцени. Не ни требаат уцени од никој. Заврши времото на уцените. Не може да уценува ниту ДУИ, ниту било која друга политичка партија. Единствено кои одлучуваат се граѓаните, на избори. Тие даваат мандат и определуваат кој ќе биде пратеник, кој ќе биде министер и кој ќе биде премиер и кој ќе биде директор. Само граѓаните. Не зависи тоа од ДУИ, ниту од било кој. Затоа време е ДУИ да си замине во опозиција. Седумнаесет години власт-доста е! Да заминат во опозиција здраво е за државата, а богами е здраво и за ДУИ, уште еднаш го повтори својот став Заев.
Говореше и за постигнувањето на владата предводена од СДСМ и членството во НАТО, со што е заштитен територијалниот интегритет и целовитоста на државата. Решавањето на триесет годишниот спор со Грција и договорот за добрососедство со Бугарија се поздравени од целиот свет. Уште еднаш кажа дека на опозицијата и била понудена заедничка влада, заедно да го решат проблемот не само со Грција, туку и задно да ги отвореле поглавјата за преговори со ЕУ.
-Тоа досега никој го нема понудено. Одбија затоа што немаа храброст. Немаа став, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Зборуваше за предизвиците со кои се соочува нашата земја во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата со КОВИД-19 вирусот. Беше потенцирана важноста на изборниот процес, граѓаните одлучно да излезат на 100 отсто безбедни избори по здравјето и да изберат одговорна власт предводена од СДСМ и коалицијата која ќе знае да се справи со последиците од кризата, да ги заштити граѓаните и да ја повлече економијата напред.
За политичките конкуренти од ВМРО – ДПМНЕ рече дека на листите се истите луѓе од времето на Груевски.
-Александар Николоски беше десната рака на Груевски. Беше кандидат за евро амбасадор на нашата земја. Еве го во четвртата изборна единица истиот човек од Охрид кој живее во Скопје ќе дојде тука. Не знае ни каде е Муртино, ни Подареш. Мицкоски му беше советник на Груевски. Другите или беа во Собранието или пред Собранието на 27 април. Таму беа да убиваат, да линчуваат. Зошто? За власта да не се предаде. Истите тие луѓе се денес и се управувани од Будимпешта и Белиот дворец. Ништо различно, „све је исто само нјега нема“, рече Заев.
Презентираше и делови од изборната програма кои се однесуваат на зголемувањето на помошта кај ранливите категории граѓани, зголемување на просечната плата за повеќе од 30 проценти, минималната плата за повеќе од 40 проценти, 600 милиони нови инвестиции во економијата за отворање нови работни места и повисоки плати. Најави и зголемување на пензиите за над 21 проценти, борба против сивата економија и очекува дополнителни приходи во буџетот од над 200 милиони евра. Исто така, најави дека во наредниот период судиите и обвинителите ќе одговараат ако не работат како треба и ќе имало комплетна ревизија и прочистување на правосудството.
На трибината се обратија и кандидатите за пратеници, Соња Мираковска и Костадон Костадинов.
-Во овој тригодишен мандат имавме многу предизвици. Крупни прашања решававме. Не калкулираме бидејќи во ова што го работиме силно веруваме. Со влезот во НАТО си ги заштитивме границите. Направивме многу за овие неполни години, можеме уште подобро, уште повеќе, истакна Костадин Костадинов.
На крајот беа претставени и дваесетте кандидати за пратеници од листата на Коалицијата „Можеме“ во четвртата изборна единица.