Иако граничните премини од вчера согласно одлуката на Владата целосно се отворени за непречено движење на патници и возила без приложување на ПЦР тестови и без задолжителен државен карантин, мал е интересот за патување надвор од државата.
Најголем број патници забележани се на Табановце на границата со Србија и на Блаце, на границата со Косово.
Според податоците на МВР, на граничниот премин Табановце од полноќ до 10.00 часот на влез и излез поминале вкупно 3.217 патници. Од нив, влегле вкупно 1.984 лица, од кои 1.308 домашни државјани и 676 странски. Од државата излегле 1.233 патници, од кои 912 македонски државјани и 312 странски. На Блаце за првите 12 часа од отворањето на границата поминале над 4.000 патници
Фреквенцијата на патници на трите гранични премини со Република Бугарија – Деве Баир кај Крива Паланка, Делчево и Ново Село, струмичко, е слаба, а рампата ќе остане спуштена до 15 јули до кога трае вонредната состојба кај источниот сосед,. Товарниот сообраќај пак, кој се одвиваше редовно и за време на вонредната состојбата поради корона кризата, сега нивната работа е олеснета бидејќи веќе не им се потребни посебни дозволи од Државниот санитарен инспекторат.
Во првите 12 часа во државата на Деве Баир влегле нешто повеќе од 200 лица. Тоа се најчесто наши граѓани кои доаѓаат од други европски држави или се патници кои транзитираат преку Бугарија, бидејќи во оваа соседна земја се уште е на сила уредбата за задолжителна изолација од 14 дена на сите државјани кои ќе влезат во државата.
Така преминот Богородица на македонско-грчката граница иако од денеска е отворен за излез и влез во земјава, копнената граница на Грција останува затворена за влез на туристи и патници барем до 1 јули. На влез во земјата се регистрирани само десетина грчки возила. Преку Евзони моментно е дозоволен само излез на сите што заминуваат од Грција. Исклучок за влез во Грција се прави само за патници кои имаат регулиран престој во Грција, како и за транзитниот сообраќај кој се одвива како во нормални прилики.
Членките на Унијата одлуката за отворање на границите деновиве треба повторно да ја разгледаат поради растот на бројот на заболени од коронавирусот во земјите во регионов. Грција, според најавите засега останува на основниот план за отворање на границите на 1 јули, но и со укажување дека тоа е „план што континуирано се ажурира и во соработка со европските власти“.
На двата гранични премина, на македонско – албанската граница кај Дебар, од полноќ до 14:00 часот минале 274 патници. Како што изјави за МИА портпаролот на Секторот за внтарешни работи од Охрид, Стефан Димоски, на граничниот премин „Блато“ поминале 254 лица, од нив за влез во државава 173 и тоа 22 македонски и 151 странски државјанин. За излез се регистрирани 81 патник, 35 македонски и 46 странски државјани. На Џепиште – Требиште, пак, кој го користи само локалното население од двете страни на границата поминале 20 патници, за влез 18 странски, а за излез двајца македонски државјани.
Граничниот премин Јажинце кон Република Косово од ноќеска на полноќ е подготвен за работа, но нема преминувања на границата со оглед на тоа што не функционира косовскиот премин. Поради тоа и неколку возила со патници кои сакале да заминат за Косово биле вратените од полицијата на преминот. Според косовските власти овој граничен премин од нивна страна ќе почне да функционира од 28 јуни.
Во меѓувреме здравствените власти уверуваат дека овој момент нема индикација за воведување дополнителна мерка која би значела рестрикција во движењето. Според министерот за здравство Венко Филипче, и покрај вториот бран кој е со поголем интензитет од првиот, ситуацијата добро се менаџира, а здравствениот систем има капацитет да ги прими сите пациенти.
Од 1 јули треба да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.