На улиците на Хараре се слушнаа истрели од автоматско оружје откако полицијата се обиде да ги растера опозициските демонстранти. Очевидци сведочат дека војниците, кои во меѓувреме биле распоредени по градот, убиле едно лице во близина на автобуската станица
На улиците дојдоа и војници со неколку оклопни возила, кои и се приклучија на полицијата во растерувањето на демонстрантите.
Актуелниот претседател на Зимбабве, Емерсон Мнангагва преку Твитер, повика на смирување на ситуацијата.
Полицијата фрли солзавец во центарот на Хараре, за да ги растера поддржувачите на опозициската партија МДЦ, кои фрлаа камења.
Лидерот на МДЦ, Нелсон Чамиса напиша на Твитер дека тој е победник на „народните избори”, кои се одржаа во неделата, на кои противник му беше актуелниот претседател на Емерсон Мнангагва од владејачката Зану-ПФ.
Според официјалните резултати, што претходно ги објави Изборната комисија на Зимбабве, партијата Зану-ПФ освоила најголем број места на парламентарните избори во таа земја.
Заедно со парламентарните, се одржаа локалните и претседателските избори.
Во Зимбабве претседателот се избира врз основа на победа на парламентарните избори.
Официјалните резултати од победникот на претседателските избори, се очекуваат во текот на оваа недела, а според официјалните резултати од парламентарните избори, партија Зану-ПФ освои 109 од 210 места во парламентот, но се уште се очекуваат резултатите за дополнителни 58 места.