ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија денеска беше на средба со прилепчани во Паркот на Револуцијата, а вечер ќе одржи и собир во центарот на градот.
-Граѓаните се разочарани од реалноста, а ние имаме програма за сите сфери за да ги промениме работите. Разговараме со прилепчани за оваа тешка, сурова реалност изминативе три години. Тоа го слушаме од нашите соговорници, без разлика дали се граѓани вработени во администрацијата, или се занимаваат со претприемништво, занаетчии, пензионери, млади. Секаде низ Прилеп состојбата е како во другите градови, лоша, тешко се живее, младите сакаат да ја напуштат државата, повозрасните се обесхрабрени, понижени. Добиваме голема поддршка и сметам дека коалицијата за обнова на Македонија ќе постигне историски резултат, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Програмата „Проект обнова“, потенцира тој, предизвика внимание секаде.
-На 360 страници има преку 1.000 проекти. Ние чуда не ветуваме, не сме волшебници. Тоа што ќе го ветиме, тоа и ќе го исполниме. Со нашиот кредибилитет стоиме и во проектите во економијата, во здравството, во проектите за младите, за повозрасните, за пензионерите, за индустријата, дигитализацијата како проект, за земјоделците, за ранливите категории. за деталите ќе зборуваме вечер пред прилепчани. Сигурен сум дека оваа програма наречена „проект обнова“ предизвика внимание. Нашиот политички противник не може барем еден проект да реализира. Всушност има еден проект: пред изборите што требаше да се случат во април, најавија плата од 36 000 денари, сега ја намалија на 34 000, додаде тој.
На новинарското прашање за коментар од Мицкоски за изјавата на Села за македонска и албанска влада, Мицковски вели дека тоа е дел од оној „фолклор“ која од албанските партии да отиде подесно во наративот.
-Пред да почне кампањата, колку што знам, господинот Ахмети ги повикуваше албанските партии да прават сеалбанска коалиција, а господинот Села тоа го одби. Сега не знам што го натера наеднаш да размислува во етноцентрична насока. Но, тоа не е во духот на она што ни претстои. Тоа е конечно датум за почнување преговори со европската унија и приближување кон ЕУ, бидејќи оваа држава е заедничка за сите граѓани: за Македонците кои се мнозинска заедница и за немнозинските заедници како Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците. И секоја изјава копја оваа хармонија ќе ја наруши не е добра. На тој начин не се мобилизираат гласови, туку, напротив, се демобилизираат. Но, впрочем, тоа е начинот на кој тие одбрале да ја водат политиката, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
За реакциите на Рускоска и Кацарска кои се употребуваат во спотовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мицковски со изјава дека треба да се занимаваат со случаи на криминал, а не со опозицијата која со спотовите сака сатирично да ја прикаже реалноста.