Доколку денеска се направи попис, ќе излезе дека има повеќе гласачи на ДУИ отколку луѓе што живеат во одредени места, вели шефот на изборниот штаб на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари.
Тој во изјава за новинската агенција ИНА изјави дека ќе достават десетици приговори до ДИК за гласањето во Долнени, Пласница, Битола и во Кичево.
– Имаме чисти случаи на изборен фалсификат, кој се случуваше од 19 часот до 21 часот. Токму во тој момент се прави несфатливата разлика во резултатите. Местењето придонесе ДУИ во Долнени да добие 2 200 гласа, а ние само 200, во Пласница резултатот е 2 000 за нив 100 за нас, што е надвор од умот. Има навистина многу вакви случаи, вели Таравари.
Тој иронично коментира дека „доколку денеска се направи попис, ќе има повеќе гласачи на ДУИ отколку жители во одредени места“.
– Ова се случува во Кичево. Разликата е толкава што се коси со здравиот разум. Или на одредени избирачки места во Битола, каде што има многу малку или воопшто нема гласачи Албанци, а ДУИ има стотици гласови. ‘Силувањето’ на гласовите е практика која ДУИ ја повторува во секој изборен циклус. Тоа е знак за тоа колку сме далеку од демократија, вели Таравари.