Приближувањето на Балканот кон ЕУ тече рутински. И бидејќи немаше за што да се одлчува, лидерите на ЕУ во Софија можеа да се посветат на Трамп.
Како што пишува коментаторот на Дојче Веле, за жал, изгледа тоа беше неопходно.
„На Балканот ништо ново. И затоа резултатот од овој самит на ЕУ и шестте земји кандидати за членство, може да се резимира на следниот начин: ЕУ ветува дека шестте држави еден ден ќе бидат примени во клубот на благосостојба и стабилност, а кандидатите ветуваат дека ќе сторат се за да ги исполнат потребните услови. Тоа е така веќе 15 години, уште од самитот во Солун 2003 година – и ќе биде така и во наредните десет години, барем за најслабите членки во редот за ЕУ – Косово и БиХ“, наведува Ригерт.
Кај повеќето стари членки на ЕУ, желбата да прифатат нови држави, а со тоа и нови проблеми – е прилично мала.
„Францускиот претседател Емануел Макрон, новата ѕвезда на ЕУ, тоа го формулираше вака: пред ЕУ да прими нови членки, мора да ги реши своите проблеми. Шпанија исто така создава кочници и ќе дозволи прием на нови членки, само ако статусот на Косово биде дефиниран така што побунетите Каталонци признавањето на Косово како држава нема да можат да го искористат како преседан или пример против Мадрид. Тоа е комплицирано и ќе трае долго време. Затоа кандидатките ќе мора да вложуваат напори и да бидат стрпливи. ЕУ им е се уште привлечна – заради парите и политичката солидарност. Но, Русија и Кина се подготвени да влетаат, доколку во Србија, БиХ или Албанија попушти одушевеноста за ЕУ“, истакнува Ригерт.
Со оглед на тоа дека Балканот моментално не крие никакви изненадувања, ЕУ можеше да се посвети на својот нов „непријател“: американскиот претседател Доналд Трамп.
„Лидерите на ЕУ никогаш така жестоко не го критикувале актуелниот претседател на САД, главната сила на НАТО. Неговата политика е нерзабирлива и погрешна, авантуристичка и целосно несолидарна. На Ангела Меркел, Емануел Макрон и Терез Меј тоа одамна им е јасно. Сега тоа и јавно го кажаа и се договараат за контрамерки. Можностите на ЕУ да се бори против американската економска сила се скромни, но сега и тие мали можности треба да се искористат. Зашто, постојат граници, дури и кога се работи за поранешни пријатели – тоа беше јасна и точна порака од Софија“, додава Ригерт.
Но, прашање е дали вака накострешената ЕУ ќе остави било каков впечаток на Трамп. Без воопшто да има обзир кон сојузниците во Европа, американскиот претседател го торпедираше договорот за климата, го разгоре огнот на Блискиот исток, воведе царини и го поништи нуклеарниот договор со Иран.
„Неизвесно е дали ЕУ може да ги избегне царините на САД за челик и санкциите против компанииите кои работат со Иран. Но, едно е јасно: ќе биде скапо и многу тешко да се одржат економските врски со Иран, посебно ако засегнатите ккомпании како што се Тотал, Маерск или Сименс , решат да ја следат политиката на САД, а не на ЕУ – да играат на сигурно за да имаат и натаму непречен пристап на американскиот пзар. За ЕУ би било добро кога не би ја забивала главата во песок и кога би организирала барем мал отпор кон Белата куќа. Европјаните одеднаш се најдоа во сојуз со Русија, Иран и Кина, а против својот голем атлантски брат. Тоа пред Трамп беше незамисливо“, пишува Ригерт.
Оттука, состанокот на Трамп со непослушните Европјани на самитот на НАТО во јули во Брисел би требало да биде интересен.
„Европските држави треба да бидат подготвени на тоа дека САД ќе се заканат и со повлекување од НАТО и дека ќе испорачаат некој вид на сметка за нивниот допринос како нуклеарна сила. Европа мора да порасне и тоа многу бргу. Првиот чекор е веќе направен во Софија. Инаку САД и ЕУ пред 20 години работеа заедно за да се заврши граѓанската војна на Балканот. Денес такво нешто е незамисливо. Ете, толку се променија времињата“, заклучува Ригерт.