Северна Кореја соопшти дека се приклучува на трката за развивање вакцина против Ковид-19, глобален натпревар кој ги собра најголемите медицински умови во светот и кој чини повеќе милијарди долари.
Според севернокорејската Државна комисија за наука и технологија, клиничките испитувања за вакцина се веќе во тек и сега се води дебата за тоа како ќе продолжат со третата фаза, што вклучува тестирање на луѓе, пишува Си-Ен-Ен.
Се поставува прашањето зошто Северна Кореја, која има еден од најслабите здравствени системи на планетата и која со децении се потпира на помошта од Светската здравствена организација во снабдување со вакцини и имунизација, троши време, пари и ресурси за развој на вакцина против коронавирусот.
Кон ова треба да се додаде и дека Пјонгјанг не призна јавно дека постои позитивен случај на Ковид-19 во земјата.
Одговорот не е едноставен, но веројатно станува збор за комбинација од страв од вирусот и обид да се убедат граѓаните на Северна Кореја дека лидерот Ким Џонг Ун повторно ќе се соочи со предизвик и ќе го заштити народот.
Северна Кореја е една од првите држави што сериозно ја сфати заканата од Ковид-19, а за тоа има и добра причина – голем број експерти сметаат дека здравствениот систем на државата нема да го издржи ударот на пандемијата.
Многу медицински институции во Северна Кореја немаат сигурно снабдување со струја или вода за пиење.
Често недостасува медицинска опрема, а се чини дека и тестовите за коронавирус претставуваат проблем.
Од почетокот на јули, само 922 лица во земјата со околу 25 милиони жители се тестирани на вирусот, изјави претставникот на СЗО во Северна Кореја, доктор Едвин Салвадор.
Тој наведе дека од почетокот на пандемијата, 25.551 лица се ставени во карантин, а подоцна се пуштени.
Многу независни експерти за јавно здравје се сомневаат во тврдењата на Северна Кореја дека нема позитивни случаи на Ковид-19.
Сепак, Северна Кореја има можност да го спречи ширењето на кластери, бидејќи може да примени мерки што другите држави побавно би ги прифатиле. Исто така, во земјата доаѓаат мал број на туристи, дипломати и помошни работници.
Според повеќето извештаи, пандемијата во Северна Кореја е под контрола, а Ким Џонг Ун претходно овој месец изјави дека напорите на неговата земја се „голем успех“.
Сепак, Ким Џонг Ун ги предупреди севернокорејските власти дека светската здравствена криза се уште не е завршена.