Контра препораките за заштита од Ковид 19, без никакво растојание во Основниот суд во Велес, започна судскиот процес против екс претседателот на скопскиот Кривичен суд, Владимир Панчевски. Тој беше спроведен од затворот Шутка, каде според одбраната противзаконски е во притвор. Неговиот адвокат Петро Јанура во судница неколку пати повтори дека Панчевски не бил правосилно разрешен од позицијата судија, односно немало одговор на жалбата до Врховниот суд. Тоа значи дека се уште има имунитет и не може да биде притворен. Сепак судијката Валентина Ѓорѓиевска реши да не се произнесе по ова барање, велејќи дека веќе имало жалба пред Апелација, па тие ќе одлучеле.

-Овој притвор не само што беше непотребен, туку е и незаконит, бидејќи во списите на предметот судијата не ни истакна дека постои таква одлука и во отсуство на таква одлука со која што која што правосилно не е завршена постапката за негово разрешување, самиот притвор е незаконит, изјави Јанура.

Панчевски кажа дека не разбира за што е обвинет, па не се произнесе дали чувствува вина. Вели дека немало потреба од мерка притвор, бидејќи никогаш немал план да бега.

-На 15.07. самиот се пријавив во затвор Скопје, во притворското одделение. Со оглед на тоа што од јавноста дознав дека ми е определен притвор од овој суд. Десет дена воопшто не ми е врачено решението за притвор. Не планирам никакво бегство, кажа пред судот Панчевски.

Од Обвинителството пак тврдат дека Панчевски бил разрешен, но немаа писмена и официјална одлука за такво нешто, туку слушнале од медиумите. Јанура вели притворот е незаконит бидејќи во моментот на барањето и одобрувањето на притворот немало одлука од Врховниот суд за разрешување на Панчевски.

-Судот мора за тоа да има материјален доказ, не е доволно во медиумите да било објавено дека Врховен му ја одбил жалбата. Може информацијата да е точна или да не е точна, битно е во самиот судски предмет да постои доказ, изјави Јанура.

Владимир Панчевски е обвинет за злоупотреба на АКМИС системот во Основниот кривичен суд додека бил претседател, односно дека давал лично предмети на рака кај судиите.

Текст и фотографија преземени од Алфа.мк