Возможна е Влада и без СДСМ или без ВМРО-ДПМНЕ, ама и без ДУИ, вели претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју за „Фокус“.
-Уставната норма е кристално јасна – мандатот го добива кандидатот на партијата или партиите што имаат мнозинство во Собранието и тука претседателот нема буквално никаков маневарски простор, вели Пендаровски, објаснувајќи дека сето она што го гледавме во 2017-та, со некакви дополнителни условувања, претставуваше флагрантно кршење на највисокиот правен акт.
Конститутивната седница на десеттиот парламентарен состав е закажана за во вторник следната недела (4 август).
Според Уставот, претседателот на државата е должен во рок од 10 дена од конституирањето на законодавниот дом мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандатарот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието треба да му поднесе програма и предлог состав на Владата.
На предвремените парламентрани избори што се одржаа на 15 јули, коалицијата „Можеме“ предоведна од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, Алијанса на Албанците и Алтернатива 12, Левица два и ДПА еден мандат.