Хенри Ноел Брејлсфорд е роден на 25 декември 1873 година во Мирфилд, рударски град во Јоркшир, Англија. Бил писател и новинар. Бил дописник на „Манчестер Гардијан“ од Балканот, Франција и Египет. Во 1899 година се преселил во Лондон и бил еден од водечките коментатори на весникот „Дејли њус“.
Во Македонија престојувал есента 1903 година, односно веднаш по задушувањето на Илинденското востание, како секретар на „Македонскиот помошен комитет“. Мисијата на Брејсфорд во Македонија траела од октомври 1903 до март 1904 година.
Есента 1903 година бил на терен во Битола и случајно се сретнал со еден имотен селанец, кој бил дојден од некое од соседните села на пазар во градот:
„Дали твоето село е грчко“, го прашав, „или бугарско?“ -„Па“, одговори тој, „сега е бугарско , но пред четири години беше грчко.
Нему одговорот му изгледаше сосема природен и вообичаен.
„Како се случи тоа?“ го прашав со извесна збунетост. „Па“, рече, „ние сите сме сиромашни луѓе но сакаме да си имаме наше сопствено училиште и поп кој ќе се грижи за нас како што треба. Порано имавме грчки учител. Му плаќавме 5 фунти годишно и му дававме храна, додека грчкиот конзул му плаќаше уште 5 фунти, но немавме наш, сопствен поп. Делевме еден со уште неколку други села, но тој беше многу неточен и неодговорен. Појдовме кај грчкиот епископ да му се пожалиме а тој одби да стори нешто за нас. Бугарите слушнаа за ова, дојдоа и ни дадоа предлог. Рекоа дека ќе ни дадат поп кој ќе живее во селото и учител на кој ништо не треба да му плаќаме. Па, господине, нашето село е сиромашно, и така, се разбира, ние станавме Бугари.“
Во Битола слушнав еден духовит француски конзул како изјавува дека со фонд од еден милион франци тој би се нафатил да ја направи француска цела Македонија. Ќе проповеда дека Македонците се потомци на француските крстоносци кои во дванаесеттиот век го освоиле Солун, а франците ќе го сторат останатото. Меѓутоа, Грците фрлаат огромни средства, а сепак се изгубија во Македонија, – запишал Брејлсфорд а неговите записи со наслов „Македонија“ беа објавени на македонски јазик во издавачката куќа „Култура“ од Скопје во 2003 година, по повод стогодишнината од Илинденското востание.