Во дворот на македонската православна црква „Успение на Пресвета Богородица“ во потпелистерското село Трново, битолско, со почеток во 10.30 до 12.00 часот ќе се одржи 49. Светска Македонска Иселеничка Средба и 40. Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија, обединети во една и единствена Семакедонска Средба Трново 2020.
Организатори на Семакедонска Средба Трново 2020 се Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на Македонците од Егејот МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес, чии претставници ќе ги поздрават присутните.
Најавена е културно-уметничка програма, а сите верници од 8.00 до 10.00 часот можат да присуствуваат на утринската божествена литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица”.
Организаторите апелираат до сите во дворот на црквата „Успение на Пресвета Богородица” да се придржуваат на протоколите за заштита од коронавирус со држење растојание од 1,5 м и задолжително носење маска.