Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш рече дека пандемијата на коронавирус довела до најголемо нарушување на образованието во историјата со затворените училишта во повеќе од 160 земји во средината на јули, со што се погодени повеќе од милијарда ученици.
Покрај тоа, Гутереш рече дека најмалку 40 милиони деца во светот ја пропуштиле „својата критична предучилишна година“.
Како последица на тоа, тој предупреди дека светот се соочува со „генерациска катастрофа што може да доведе до губење на незамислив човечки потенцијал, да поткопа децениски напредок и да ги влоши вкоренетите нееднаквости“.
– Се наоѓаме во одлучувачки момент за децата и младите од овој свет, рече Гутереш во видео пораката по повод почнувањето на кампањата на ОН наречена „Да ја спасиме нашата иднина“.
Тој рече дека одлуките што владите и партнерите сега ќе ги донесат ќе имаат трајно влијание врз стотици милиони млади и врз изгледите за развој на земјите во наредните децении.
Гутереш истакна дека враќањето на учениците во училниците треба да биде „главен приоритет“.
– Кога локалниот пренос на Ковид-19 ќе се стави под контрола, враќањето на учениците во училиштата и образовните институции што е можно посигурно мора да биде главен приоритет, рече шефот на ООН, додавајќи дека консултациите со родителите, старателите, наставниците и младите се од основно значење.