Претседателот не чувствува потреба да им се извинува на поранешните вработени во СЈО, затоа што неговата оценка за поранешното специјално обвинителство од говорот по повод Илинден во Пелинце, воопшто не се однесува на вработените.

Ваков одговор добил порталот Лидер од Кабинетот Стево Пендаровски, по барањето на вработените во екс СЈО за извинување од него.

– Оценката се однесува на првиот човек (Катица Јанева, з.н.) во тоа обвинителство, која беше единствена овластена да покренува обвиненија во име на СЈО и која подоцна заврши како обвинета и осудена во прв степен, велат од Кабинетот на Пендаровски.

Тој во својот говор во Пелинце, меѓу другото, рече дека администрацијата, високата корупција и неефикасното судство не се само пречка на патот кон ЕУ, туку и пречка за нормален живот на граѓаните.

На ова со писмо реагираа поранешните вработени во СЈО, како и обвинителката Ленче Ристоска, барајќи извинување.