Во 16 области на Грција, кои се сметаат за региони со лоша епидемиолошка слика и голема раширеност на Ковид-19, од денеска се воведуваат нови, дополнителни рестриктивни мерки, меѓу кои и ограничено работно време на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови,  јави дописничката на МИА од Атина.

Во областите источна Македонија и Тракија и Атики, во градовите Солун, Лариса, Волос, Катерини, како и на остовите Крф, Крит, Миконос, Парос, Санторини, Родос, Андипарос, Закинтос, Порос и Кос на јавните или општествените собири и настани дозволено е присуство на најмногу 50 лица.

Од денеска, угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично во областа Атика, поширокиот регион на Атина, како и околните острови што припаѓаат на конкретната периферија, забрането е да работат од полноќ до 7 часот наутро, мерка што веќе е во сила во одредени делови на Грција.

Во саботата се воведоа посебни мерки на островите Парос и Андипарос и се идентични со оние што беа воведени на Порос, каде што исто така ќе важи забраната за работа од полноќ до 7 часот наутро за угостителските објекти и кафулињата, на маса е дозволено да седат по најмногу четири лица, забранети се собирања на над девет лица, а маската е задолжителна и во затворените простори и надвор.

Новите мерки беа донесени на состанокот што Мицотакис го одржа со надлежните министри и епидемиолози во петокот и ќе бидат во сила до 24 август.

Во однос на туристите, од денеска, за сите оние кои во Грција ќе пристигнат со летови од Шведска, Чешка, Белгија, Шпанија и Холандија, задолжителен е негативен молекуларен тест PCR направен 72 часа пред патувањето.

Истото важи и за сите оние кои влегуваат во земјата преку копнените граници, вклучително и грчките граѓани и оние кои имаат дозвола за престој, а тестот треба да биде направен во земјата од која што влегуваат, а не во Грција.

Задолжителен негативен тест се воведува и за патувањата од Израел, а согласно издаденото упатство од грчката Агенцијата за цивилно воздухопловство, посетителите што се постојани жители на Израел одново ќе бидат тестирани и во Грција, додека пак дозволени се најмногу 600 туристи седмично и тоа само на аеродромите во Атина, Солун, на Крит и на Крф.

Од вчера, преку граничниот премин Какавиас со Албанија дневно е дозволен влез на најмногу 750 лица.