Со почесна артилериска стрелба и со свеченост на воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска ќе биде одбележан Денот на АРМ.

Свеченоста ќе се реализира согласно протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници.

Од Генералштабот на Армијата информираа дека обраќање ќе имаат претседателот и врховен командант, Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Претседателот Пендаровски на свеченоста, со Орден за воени заслуги ќе ги одликува баталјонот за воено-медицинска поддршка, третиот пешадиски баталјон од првата пешадиска бригада и канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави.

По повод Денот на Армијата, во 10 часот ќе се изврши и почесна артилериска стрелба со пет плотуни од артилериски орудија на единица на артилерискиот баталјон.

Одбележувањето ќе биде пренесувано во живо на првиот програмски сервис на МТВ, како и на Фејсбук страниците на претседателот на државата, Министерството за одбрана и АРМ.

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена формација  на НОВ на  Македонија. Процесот за формирање на современата македонска армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Македонската армија денес заедно со армиите на уште 29 земји е составен дел на НАТО, откако Република Македоонија го смени името и во март годинава стана 30 полноправна членка на Алијансата.