Скопјанец имал заштеда од над 7 милиони евра на сметка во Еуростандард банка, неофицијално дознава порталот 24 Инфо од извори од банката.
Човекот избезумено ја примил веста дента кога Народна банка ја објави информацијата за пропаѓањето на банката и со денови чекал пред седиштето на истата.
Дури ни обезбедувањето не можело да го тргне од таму бидејќи барал одговори за тоа како може да пропадне банката, а со тоа и неговиот влог. Драма се случувала кога дознал дека од Фондот за осигурување на депозити ќе добие само 30.000 евра, а за останатата сума може да достави барање да му биде исплатена од стечајната маса се разбира ако има пари.
Од Народна банка велат дека немат информација за тоа колкава е највисоката заштеда на поединци во банката. Од таму објаснуваат дека депозитите на физички лица (резиденти и нерезиденти) во „Еуростандард банка“ АД Скопје се осигурени согласно со Законот за Фондот за осигурување на депозити.
-Осигурениот износ е до 30.000 евра по физичко лице- депонент. Обесштетувањето на овие лица ќе се врши со исплата на средства од страна на Фондот за осигурување на депозити (ФОД) и ќе започне во рок од 20 дена, согласно со Законот. Предмет на обесштетување се денарските и девизните депозити, средства на трансакциските сметки, депозитите врзани за парични картички, девизните приливи и сертификатите за депозити издадени од „Еуростандард банка“ АД Скопје- објаснуваат од НБРМ.