Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше и се обрати на Вебинар на тема „Геополитичките проблеми на Западен Балкан среде Корона криза, Евроатлантска перспектива“ организиран од Алумни асоцијацијата Маршал Центар на Македонија, во партнерство со Маршал Центарот од Гармиш и Секторот за јавна дипломатија на НАТО.

Пендаровски, како што е наведено во соопштението од неговиот Кабинет, истакнал  дека пандемијата од Ковид-19 фундаментално го промени целиот свет и предизвика огромен негативен ефект. Го посочил и притисокот врз нашиот здравствен систем, за кој додал „дека беше исто така огромен, но за среќа ние не допревме до горните граници на неговите капацитети и успеавме да избегнеме колапс на националниот систем“.

Претседателот се осврнал на дезинформациите и хибридните кампањи поврзани со Ковид-19 и нивното искористување и злоупотреба. Во „океанот од лоши вести“, потсетил претседателот Пендаровски, добра вест беше што станавме членка на НАТО во март, што без сомнение е клучен стратешки чекор напред што го направи Македонија во целата своја пост-комунистичка историја.

-Тоа ни овозможи да ги искористиме механизмите за координација на НАТО и официјалните билатерални врски со другите земји-членки, со цел подобро да се подготвиме за кампањата на дезинформации која беше засилена кога влегувавме во предизборниот период, истакнал претседателот.

Говорејќи за предизвиците со кои се соочува регионот, како и ЕУ во услови на Корона-кризата порачал дека регионот има потреба да има европска перспектива. Претседателот Пендаровски изразил очекување дека оваа есен ќе се постигне напредок во процесот на пристапување во ЕУ. Според најавите,  деновиве, треба да имаме нова Влада на чело со Зоран Заев од која, додал претседателот, очекува целосно спроведување на ЕУ агендата во клучните области.

-Основниот предуслов за успех е да се соберат највештите личности, без оглед на нивната политичка или етничка припадност. Очекувам да видам луѓе со силни проевропски и демократски капацитети, со чисти антикорупциски записи, порачал претседателот Пендаровски.

Тој оценил дека недостатокот на ЕУ перспектива секогаш ги поттикнува алтернативните политички агенди и дека за време на пандемијата видовме многу вакви примери.