Премиерот Оливер Спасовски на сите рудари од познатиот рударски град Пробиштип им го честиташе Денот на рударите, но и верскиот празник Успение на Пресвета Богородица, покровителката и заштитничката на општината.
Спасовски вчера ја посети општина Пробиштип и се обрати на свечената седница по повод 65 години од постоењето на оваа општина.
Тој во име на Владата го честиташе јубилејот 65 години од постоењето на Општина Пробиштип.
-Овој јубилеј не се само 65-те години, не се само месеците и деновите што ја формираат таа бројка. Зад нив стојат бројни успешни приказни што ги формирале и ги создаваат и денеска граѓаните на општината и на нејзините населени места, раководствата на општинските институции и приказните што се создадени од соработката меѓу локалната и централната власт. Сепак, во периодот на современиот развој, во периодот кога децентрализацијата започна автентично да се применува, Општина Пробиштип забележа експанзија речиси во сите области. Тоа се случи од едноставна причина – локалната самоуправа одлучува самата за себе и во интерес на своите граѓани, истакна премиерот Спасовски.
Тој потенцираше дека во овој период е многу направено, но дека може да се направи уште повеќе, да се довршат започнатите проекти, а новите да стартуваат со нивното спроведување.
-Определбата за поддршката на локалните политики и за рамномерен локален развој беше и останува еден од врвните приоритети на Владата во изминатите три години, а убеден сум дека така ќе биде и во претстојниот мандат. Тоа е определба за квалитетен живот за сите наши граѓани, во оваа наша убава земја, без разлика дали живеат во град, село или мало населено место. Општина Пробиштип е една од оние општините каде што граѓаните имаат отворени врати за соработка со општинските институциите коишто имаат законска обврска го помогнат нивното секојдневно функционирање. Уверен сум дека тоа така ќе остане и понатаму. Тоа го докажува и посветеноста на локалната власт кон развојот на општината, како и напорите што се вложуваат за развој на стопанството, туризмот и сѐ она што значи напредок и добро и квалитетно живеење, истакна Спасовски.
Тој потенцираше дека Пробиштип и индустриската зона Неокази, остануваат пример за позитивните резултати од поддршката на домашните и на странските инвестиции на Владата на Македонија.
-Пред извесно време во оваа општина бевме дел од настанот на кој ја поздравивме одлуката на компанијата Таб-Мак да ги прошири своите потенцијали со нова инвестиција и нов капацитет. Таа компанија, заедно со Краунфилд Фаундри, се пример и за сите идни инвеститори во С. Македонија како на најдобар можен начин да се користат придобивките од програмите на Владата за поддршка на инвестициите. Станува збор две најбрзо растечки компании со странски капитал во земјата. Овие две компании од Пробиштип, заедно со сите останати во општината, учествуваа во остварувањето на економски политики во последните три години кои дадоа значајни резултати. Израз на тие резултати се пораст на бруто домашниот производ од 3,6 отсто и намалувањето на невработеноста во третиот квартал на 2019 година на рекордно ниски 17,1 отсто, рече Спасовски.
Тој нагласи дека пандемијата со КОВИД-19 и вонредната состојба за спречување на ширењето на вирусот и за справување со последиците од здравствено-економската криза целосно го промени нашето и секојдневието на граѓаните и ги наметна здравствено-безбедносните прашања како врвен приоритет во овој корона период.
-Сепак, и во овие услови, реализацијата на капиталните инвестиции не запреа. Еден сегмент од тие инвестиции е изградбата на социјални станови наменети за нашите сограѓани во социјален ризик. Во соработка со локалната самоуправа, Владата гради прв таков објект во Пробиштип во кој свој траен дом ќе најдат 48 семејства од социјално ранливите категории граѓани. Изградбата ќе биде завршена според предвидениот план, односно во јануари во 2021 година. Денес можеме слободно да кажеме дека Пробиштип има флексибилно стопанство со различна структура на економски чинители по дејности, при што улогата на голем број мали и средни претпријатија се носители на економските активности и ја вршат улогата на диверсификација на пробиштипската економија со што таа станува флексибилна и имуна на удари и не е концентрирана само на рударството. Ваквата структура обезбедува предуслови за развој на локална економија за да може да бидат конкурентна на локално, регионално, национално и меѓународно ниво, истакна премиерот Спасовски.
Тој порача дека во соработка со централната власт, дополнителен оптимизам внесуваат политиките на локалната самоуправа за обезбедување на голем број на локации за отворање на нови бизниси со што се очекува општина Пробиштип во наредниот период да биде дестинација од интерес за странските инвеститори.
-Со овие оптимистички најави, достојни за значајниот јубилеј, уште еднаш упатувам во мое име, и во име на Владата, честитки по повод 65 годишнината од постоењето на Општина Пробиштип, како и честитки по повод Денот на рударите и верскиот празник Успение на Пресвета Богородица, изјави Спасовски вчера во Пробиштип.
Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов во своето свечено обраќање изрази чест и задоволство на денот на рударите и денот на Пробиштип што може заеднички со граѓаните да сподели успесите и реализираните проекти низ изминатите години.
-Она кое беше наша прва цел и заложба финансиската консолидација на Општината успеваме со голема помош од Владата на РС Македонија да ја доведеме во ред и веќе слободно можам да кажам дека ние редовно ги сервисираме тековните финансиски обврски. И покрај сериозноста на финансиската моќ на Општината, јас како градоначалник, мојот тим и општинската администрација реализиравме, реализираме и ќе продолжиме со реализација на проекти кои во најголем дел се донации и немаат никаква финансиска импликација на општинскиот буџет, потенцираше градоначалникот Анастасов.
Тој наброја голем број реализирани проекти како реконструкција на патниот правец Пробиштип – Крупиште, реконструкција на киното „Рудар“, целосна реконструкција на спомен паркот „Братство и единство“, целосна реконструкција на патниот правец Киселица-Ратавица-Злетово-
Го најави и проектот за решавање на најжешката еколошка точка во општината и пошироко, јаловишната депонија.
-Општина Пробиштип во наредниот преку јавно приватно партнерство ќе го рекултивира јаловиштето над кое ќе никне најголемата фотоволтаична централа за електрична енергија во регионот, која по истек на договорот за јавно приватно партнерство ќе остане во сопственост на Општината, што ќе претставува едно енергетско наследство кое им го оставаме на нашите деца и внуци, истакна Анастасов.
На настанот се обрати и претседателот на Советот на Општина Пробиштип, Љупчо Благоевски кој се осврна на историјата и убавините на Општина Пробиштип.