Владо Мисајловски, на денешната собраниска седница рече дека сакал да се обрати на замениците министри, но тие не биле присутни и укажа дека Заев во својот говор не кажал ништо повеќе за замениците министри за граѓаните да знаат нешто повеќе за нив.
-Во говорот на Заев не слушнавме ништо за нив, ниту кои се нивните квалитети, начинот на работа кои се оние проекти кои што ќе ги водат и за што ќе бидат задолжени. Јас знам дека оваа мафијашка Влада ќе размислува на освета, реваншизам, како да се загорчи работењето на опозицијата, посочи тој.
Мисајловски во своето обраќање зборуваше за темата за економијата и за Ковид 19 кои се многу важни како и за поскапувањето на струјата.
-Дали знаете господине Заев дека вечер пред Влада ќе дојдат мајки кои ќе плачат бидејќи не знаат што да прават со своите дечиња, дали знаете дека тие жени сакаат да се вратат на работа, но не можат. Дали знаете дека тие жени не се криви, оваа ситуација е вонредна ситуација. Додека се одржуваа лидерски средби, знаете многу добро додека се носеше вонредна ситуација, се збореше за нови уредби за законот за марихуана. Но изгледа во овој период се пропушти шанса за овие луѓе. За десетина дена дечињата треба да започнат на училиште, но никој не знае во оваа земја дечињата на кој начин ќе следат настава. Јас ова го зборев и во изборна кампања. Јас имам две дечиња и не знам како тие ќе ја следат наставата, истакна пратеникот.
Тој во врска со сето ова додаде дека овде има и друг проблем, а тоа е дали приватните компании ќе ги отпуштат од работа оние родители кои имаат мали деца и тоа е тема која треба да се реши.
Имено, Мисајловски укажа и на темата дали на Албанците ќе им се даваат субвенции, дали на другите етникуми треба да им се даваат субвенции, каде потенцираше дека според него оној што е квалитетен треба да добие работа и најдобрите нека се вработат, а не по етничка основа.