Светската здравствена организација стравува дека ќе има два милиони мртви во пандемијата на коронавирусот, ако светот не се мобилизира силно.
Пандемијата ги втурна светските економии во невидена рецесија и принуди да се откажат или одложат и водечките културни и спортски настани.
Запрашан во Женева за можноста конечниот биланс на Ковид-19 да достигне два милиони мртви, службеникот на СЗО оцени дека тоа е „многу веројатно“.
„Ако не сториме сè што може да се направи, бројот што го споменувате не само што е можен, туку за жал е многу веројатен“, рече Мајкл Рајан, директор на Светската здравствена организација за итни ситуации.
И покрај ситуацијата во светот, новиот премиер на Јапонија, Јошихиде Суга, вчера, сепак, потврди дека Јапонија има намера да ги организира Олимписките игри во 2021 година „како доказ за победата на човештвото над пандемијата“.
Во обид да се избегне „црното сценарио“, започна трескава трка за вакцината: од една страна, да се развие вакцина против коронавирус, и од друга страна, секоја земја да обезбеди доволни количини на идни вакцини за нејзината популација.
На годишната сесија на Генералното собрание на ОН, што е виртуелно оваа година, со снимени говори на шефови на држави или влади, Латинска Америка и Австралија побараа слободен пристап до идната вакцина, но САД, ЕУ и Јапонија веќе резервираа повеќе од половина од првата доза.
„Кој ќе ја најде вакцината, нека ја сподели … тоа е одговорност пред светот и морална одговорност“, рече во петокот австралискиот премиер Скот Морисон. Тој рече дека светот ќе суди многу строго за оние што ќе се обидат да добијат краткорочна предност или да профитираат од оваа криза.
Пандемијата сè уште се шири: Вкупно 987.707 луѓе починаа во светот, според билансот на агенцијата Франс прес од 18.00 часот по Гринич вчера.
Пандемијата малку забрза оваа недела со 295.000 нови случаи на инфекција на ден, што е за три проценти повеќе од претходната недела.
Најголем пораст на бројот на заразени има во Европа, 22 проценти во споредба со претходната недела.
Во Соединетите држави, најтешко погодената земја, пандемијата стагнира, но на високо ниво, вкупниот број на заразени за време на епидемијата надмина седум милиони во петокот, а повеќе од 203.500 луѓе починаа од ковавид- 19 од февруари.