ИК на ВМРО-ДПМНЕ вчера ја одржа своја редовна седница на која ја разгледа актуелната политичка состојба во државата и хаосот кој се случува на секое поле, економски, општествено, образовно и здравствено, а што е последица на мафијашкиот начин на работа на власта, која наместо за народот работи за врвот на мафијата, истакна на денешната прес-конференција
Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Донесена е одлука од страна на ИК, со која се задолжува Правната комисија на ВМРО-ДПМНЕ да состави правен тим кој ќе подготви кривични пријави и тужба за злоупотребите кои се направени од страна на СЈО, а кои ги потврди и нотира Државниот завод за ревизија, за проневера тешка 4,6 милиони евра, пари кои биле исплаќани за високи хонорари, незаконски бонуси и плаќања надвор од делот за редовни плати, без законска основа. Тоа се 4,6 милиони евра злоупотребени пари од страна на обвинителска институција која што требаше да гони криминал. Ова е преседан во светски рамки. Тоа се пари кои наместо во нови болници и училишта, завршиле во нечии џебови, и за тоа мора да има одговорност. Воедно ИК на партијата ја потврди одлуката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ставот дека нема да се поддржат одлуките на Стево Пендаровски за вонредната состојба, затоа што таа беше злоупотребена за работи кои не се поврзани со потребите за борбата против Ковид 19. Во ек на најголема пандемија, кога Владата требаше да ја користи вонредната состојба за помош на граѓаните, Заев и СДСМ штанцаа лиценци за марихуана на ним блиски фирми – вели Андоновски.
Тој додава дека додека народот немаше маски, дезинфициенси и ковид тестови, СДСМ распишуваше тендери за набавка на шкампи и школки.
-И на крај ја продолжија уште еднаш вонредната состојба за во тој период да дадат половина милион евра на невладини организации, притоа кршејќи го и Изборниот законик. Додека народот немаше за леб, тие трпаа во џеб. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ нема да ги поддржат одлуките на Стево Пендаровски за вонредната состојба во Собранието. ИК на ВМРО-ДПМНЕ заклучи и дека СДСМ од ден во ден се повеќе ја тоне државата, а од тоа страдаат граѓаните. Мафијата, криминалот и владата во Македонија се едно исто и тие мора да паднат – потенцира Андоновски.