Фиктивни фирми од Панама преку кои се „переле“ пари за инвестиции во Македонија – потпретседателот на ВМРО ДПМНЕ Александар Николоски синоќа прикажа документи на кои се гледа, преку кои компании треба да се финансира комплексот кој во Тетово ќе го гради црногорскиот бизнисмен Миодраг Давидовиќ, објави ТВ АЛФА. Документацијата на Централен регистар покажува дека фирмата Јелак Градба која е инвеститор, била од Панама а како нејзини сопственици се јавуваат бизнисменот Дака и уште три лица со јужноамерикански имиња. На оваа фирма, Дака бил претседател, директор, секретар и благајник – дециден е Николовски.
-Од документите што ги поседувам, може да се види дека оваа фирма е основана во 2015-та година од страна на четири лица од кои едниот е Миодраг Давидовиќ, а останатите три лица се со интересни латински имиња. Емануел Салазар се јавува во дополнителни 8861 компанија, другиот со има Делион се јавува во исто така над 8000 компании и третиот човек односно фирма се јавува во 5000 компании. Тоа значи дека фиктивно на едно име се појавуваат повеќе компании и правни лица – изјави Александар Николоски.
Николоски тврди дека неколку дена откако ја објавил аферата, во Панама имало шест посети од Македонија, додека во целата измината година имало само една или две. Вели дека премиерот Зоран Заев нема лесно да се извлече од оваа ситуација оти јавноста треба да знае дека за да помине еден детален урбанистички план прво треба да го одобри Министерството за транспорт и врски а тоа не е процедура што може да се заврши за седум дена, како што беше случај со инвестицијата на Дака Давидовиќ. Претходно Заев призна дека им давал насоки на советниците од СДСМ во Тетово, да гласаат за бизнисот на Дака. Лично тој дал зелено светло за ДУП-от кој вклучува изградба на триесетина згради во центарот на Тетово. Николоски очекува обвинителството да започне истрага по допрен глас, за овој, како што вели, невиден скандал, особено затоа што документите, доколку некој сака, лесно може да ги пронајде и со најобично пребарување.