Венецуелскиот претседател, Николас Мадуро, синоќа изјави дека Колумбија, со која неговата земја има исклучително тензични односи, обучува „1.000 платеници“ кои ќе бидат задолжени за „саботажа“ на парламентарните избори на 6 декември, што опозицијата ќе ги бојкотира.

-За време на моево обраќање, во Колумбија се подготвуваат повеќе од 1.000 платеници, кои се под надлежност на армијата и колумбиските разузнавачки структури, рече Мадуро во телевизиско обраќање.

Тој додаде дека неговиот колумбиски колега, Иван Дјук, не само што бил „информиран“ за тоа, туку „ги поддржувал и штител тие терористички платеници“.

Според него, нивната цел е да се инфилтрираат во Венецуела и на два месеци пред изборите да ја „саботираат политичката и изборната клима“ .

Мадуро редовно го обвинува претседателот на Колумбија дека е во сојуз со САД, кои сакаат да го отстранат од власт.

Венецуела во 2019 година ги прекина дипломатските односи со соседна Колумбија, откако колумбискиот претседател се приклучи на групата од околу 60 земји кои го признаа лидерот на опозицијата Хуан Гуаидо за привремен претседател.

По парламентарните избори Мадуро сака да ја преземе контролата врз венецуелскиот Парламент, во кој опозицијата има мнозинство од 2015 година. Меѓутоа, легитимноста на овие претстојни избори е доведена во прашање.

Гуаидо, кој е претседател на парламентот, повика на бојкот, како и многу опозициски партии. Тие сметаат дека изборите не можат да се одржат во фер услови бидејќи Изборниот совет е под контрола на Врховниот суд, кој е во служба на владата.