(Денеска е 7 октомври според стар стил и се слават Св. маченици Сергиј и Вакх)
Овие Свети маченици за верата Христова беа најпрво достоинственици на дворецот на царот Максимијан. И самиот цар многу ги уважуваше заради храброста, мудроста и верноста.
Но, кога слушна царот дека овие негови двајца достоинственици се христијани, ја смени својата љубов кон нив во гнев. И еднаш, кога имаше големо жртвопринесување на идолите, царот ги повика Сергиј и Вакх заедно со него да им принесат жртви, но тие отворено му откажаа послушност во тоа.
Надвор од себеси од лутина, царот нареди и им ја соблекоа војничката облека, ги облекоа во женски фустани; уште им ставија и железни обрачи на вратот и така ги водеа по улиците на градот Рим за потсмев на сите и на секого.
Потоа царот ги испрати во Азија, кај својот намесник Антиох, заради мачење. А овој Антиох се имаше издигнато на својата положба со помош на Сергиј и Вакх, коишто во свое време го препорачаа кај царот.
Кога тој почна да ги советува да се одречат од Христа за да се спасат себеси од бесчестење, маки и смрт, овие свети луѓе му одговорија: „И чест и бесчестење и живот и смрт – сè му е исто на оној што го бара Царството Небесно.“
Антиох ги фрли Сергиј и Вакх во затвор и нареди прво да го мачат Вакх. Слугите се менуваа еден по друг тепајќи го светиот, сè додека не му го здробија телото. Од здробеното раскрвавено тело на свети Вакх излезе неговата душа носена од ангелските раце пред Господа. Тој пострада во градот Варвалис.
Тогаш беше изведен свети Сергиј, кој го обуја во железни опинци начичкани однатре со клинци, и така го туркаа до градот Росаф во Сирија, каде што го убија со меч.
Пострадаа и примија венци на бесмртна слава околу 309 година.