СДСМ од денес гордо може да соопшти дека е првата партија во земјата и регионот и една од ретките во Европа и во светот која има целосна родова еднаквост и учество на мажите и жените рамноправо во своите органи и тела на партијата, изјави попладнево лидерот на владејачката партија СДСМ Зоран Заев по одржувањето на 25. Конгрес на партијата.
Со измените на Статутот на партијата, како што рече Заев, е отворена новата демократска можност за првпат во историјата на државата, една политичка партија да го бира својот претседател на внатрепартиски непосредни избори.
-Новиот претседател на СДСМ ќе биде избран на директни непосредни партиски избори следната година во првото полугодие кога истекува мандатот на ова раководство. За претседател на СДСМ ќе може да се кандидира секој член со најмалку пет години работа во партијата и со поминат најмалку еден мандат како член на Централниот одбор со право на глас, рече Заев и додаде дека ова е врвен чин на демократизација и пионерски чекор во партиското делување во земјава.
Информираше дека СДСМ ја менува и преамбулата на Статутот на партијата каде покрај слободата, еднаквоста и солидарноста, се додава и правдата како основно обележје на трајната посветеност на партијата.
-За првпат се формира и Форум на пензионери кој ќе има за цел да ги мотивира нашите највозрасни членови и да ги искористи нивните капацитети, искуства и знаење во градењето на мерки и политики за унапредување на животот и на пензионерите и севкупно на животот на сите граѓани, истакна Зааев.
Претседателот на левичарската СДСМ потврди дека со измените на Статутот, црвената боја станува боја на партијата. -Тоа е бојата на социјалдемократијата, боја што ја отсликува нашата енергија, сила и верба во подобра заедничка иднина. Тоа е боја на нашето македонско знаме, истакна Заев.
Претстојат сериозни предизвици, оцени Заев, а тоа е есенскиот бран на коронавирусот кој е во полн налет и се заканува по здравјето и по економијата.
-Како партија предводник на Владата и парламентарното мнозинство продолжуваме посветено да работиме на изнаоѓање мерки и решенија кои ќе го заштитат јавното здравје и ќе ја помогнат домашната македонска економја, истакна Заев.
Преседателот на СДСМ посочи дека пред нас е период на заокружување на уште една стратешка цел ,а тоа е интеграцијата во ЕУ преку отворање на првите поглавја и започнување на преговарачкиот процес.